Во изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ во ноември 2025 година биле ангажирани 2131 лице (вработени на изведувачот, на подизведувачи и индиректни даватели на услуги и на специјализираните изведувачи) како и 1290 вкупна опрема, покажува Извештајот од надзорот за прогрес на работите за ноември 2025 година , објавен на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Според Извештајот, во ноември лани на изведувачот му се исплатени 1.149.367.247 денари. Вршени се претежно геотехнички истражувања, проектирање и изработка на технички спецификации за автопат, проекти за експропријација, привремено управување со сообраќајот, уривање и отстранување на постојни објекти и други елементи на патот, како и градежни активности главно за земјени работи, одводнување и објекти.

Извештајот покажува дека геотехничките истражни работи се завршени на првата делница Тетово-Гостивар, а во тек се на Гостивар-Букојчани и Прилеп Битола. На тие делници, на терен има активности за земјени работи, конструкции и одводнување. За третата делница Струга Требеништа почната е изработка на студија за оценка на влијанието врз животната средина и социоекономските аспекти (ESIA-Environmental Social Impact Assessment).
Има активности на седум мостови, осум натпатници и три потпатници. Заклучно со крајот на ноември 2025 година, изведени се повеќе од 4,9 милиони метри кубни ископ и 1,45 милиони метри кубни насип. Исто така и 20.500 метри колови, а за конструкции се изведени 63.000 метри кубни бетонски работи. За одводнување изведени се 13.000 метри кубни бетонски работи – покажуваат податоците од Извештајот.
Во текот на 2025 година на Конзорциумот „Бехтел и Енка“ исплатени се вкупно 147 милиони евра. За годинава, според најавите, планирани се 103 милиони евра.
Како што изјави претходно за МИА директорот на ЈПДП Коце Трајановски, досега на Делница 1, Тетово-Гостивар, достапни за работа се 13 километри од 17,5 километри, на Делница 2, Гостивар-Букојчани, достапни се 9,6 километри од 31 километар, а на Делница 4, Прилеп-Битола, достапни се 22 километри од 40 километри.
– Клучни активности во 2026-та ќе бидат овозможување на пристап и можности за изведбени работи на вкупните должини по трасите на делниците 1,2 и 4. За Делницата 3, Требеништа – Ќафасан, во процес на изработка е сериозна документација која ќе даде точни насоки за заштита на биодиверзитетот и културното наследство при утврдувањето на трасата за оваа патна делница – најави Трајановски.
Четирите автопатски делници што се дел од проектот се со вкупна должина од 109 километри за кои треба да се изгрдат 24 потпатници, 34 натпатници, како и мостови во вкупна должина од 4,500 метри.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата