Во германската метална и електроиндустрија оваа година би можеле да бидат укинати до 150.000 работни места, предупреди претседателот на здружението на работодавачи „Гесамметал“, Оливер Кандер, оценувајќи дека секторот се соочува со сериозна криза и процес на деиндустријализација.
Кандер, како што пренесува Дојче веле, ситуацијата во индустријата ја опиша како „навистина драматична“.
„Се наоѓаме среде деиндустријализација и изгледите се многу мрачни“, наведе тој.
Според него, во металната и електроиндустријата во Германија од 2018 година досега веќе се изгубени околу 270.000 работни места.
„Минатиот месец бројот на вработени во нашиот сектор првпат од 2015 година падна под 3,8 милиони“, додаде Кандер.
Тој за проблемите во секторот ја обвини германската бирократија, високите трошоци за енергија, како и високите даноци на добивка и придонесите за социјално осигурување.
„Станавме толку неатрактивни што повеќе нема доволно инвестиции, поради што производствените погони застаруваат, а нови работни места не се отвораат“, предупреди Кандер.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата