Нема кратење на субвенциите со новата Програма за директни плаќања туку воведување ред и правична распределба на парите за земјоделците, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на седницата за пратенички прашања.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
-Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци -рече Трипуновски.
Тој појасни дека Програмата предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции.
– И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства – рече Трипуновски.
Трипуновски рече и дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
– Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството – вели Трипуновски.
Министерот рече и дека измениите за субвенционнирање на земјодлеците нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од 2 години за да се усогласат.
-Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство – рече Трипуновски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата