„Економскиот просперитет на земјата е во опасност“, пишува Билд.
Германската федерална служба за вработување објави дека бројот на невработени надминал три милиони, а ова не е единствената лоша вест со оглед на тоа што германската економија се намали за 0,3 проценти во вториот квартал од оваа година, па може да се каже дека економскиот просперитет на земјата е во опасност, пишува Билд денес.
За споредба, американската економија пораснала за дури три проценти во истиот период.
Според весникот, рецесијата во Германија трае веќе три години, што никогаш не се случило во историјата на Сојузната Република, и нема знаци на подобрување на повидок.
Бројот на банкроти на корпорации се зголемил за 19,2 проценти во јули, во споредба со претходната година, а инфлацијата повторно е во пораст, па цените пораснале за 0,2 проценти во август.
Во оваа кризна ситуација, германскиот канцелар Фридрих Мерц во саботата најави строги мерки за штедење, велејќи дека Германија со години живеела над своите можности, како и дека сегашниот систем е неодржлив со приходите што се генерираат.
Иако канцеларот им вети на граѓаните дека ќе почувствуваат забележителни подобрувања од летото, се случи токму спротивното, наведува „Билд“.
Владата составена од коалиција на Демохристијани и социјалисти, ЦДУ/СПД, сега е под огромен притисок, а Мерц најави „есен на реформи“.
Владата планира да ги реформира пензискиот и здравствениот систем, а воедно се жали на товарот на социјалните бенефиции.
Јенс Шпан, лидер на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ, рече дека социјалните бенефиции изнесуваат 42,5 проценти, што е рекордно висок износ. Советодавниот одбор на Министерството за економија предупреди дека посакуваната социјална политика се заканува да го ослаби макроекономскиот развој на долг рок, со стагнација и губење на меѓународната конкурентност.
Поради сето ова, владејачката коалиција засега ја одложи пензиската реформа, па се очекува надлежната комисија да не презентира предлози во врска со ова пред средината на 2027 година, додава „Билд“.
Исто така, прашањето за решението за здравственото осигурување, за кое ќе недостигаат четири милијарди евра следната година, а дури 12 милијарди во 2027 година, е одложено, наведува германскиот весник.
Уделот на средствата за социјални бенефиции во рамките на БДП во Германија расте, па во 1990 година изнесуваше 24,1 процент, а денес е 31,2 проценти, што значи дека речиси секое трето евро од вкупното економско производство сега оди за социјални бенефиции.
Во исто време, сè поголем број Германци одат на боледување, па во 2004 година, вработените отсуствувале од работа во просек 8,7 дена, додека во 2023 година тој број изнесувал 15,1 ден.
Германија има уште еден минус, а тоа е што има многу скапи трошоци за производство и работна сила кои се меѓу највисоките во светот, наведува „Билд“.
Даночните приходи достигнаа историски нивоа и се очекува да надминат еден трилион евра за прв пат во 2026 година, но социјалниот буџет расте со уште побрзо темпо, така што трошењето за пензии, плати и здравствен систем одамна ги надмина даночните приходи.
Месеците на вистината се ближат за германската влада, а прашањето е дали ќе има сила да спроведе вистински реформи за да ја врати земјата на вистинскиот пат, а и покрај смелите ветувања, исходот е повеќе од неизвесен, заклучува „Билд“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата