logo
logo
logo

Комплетирање на регионалниот енергетски Коридор 8 - ХРВАТСКИ „ДАЛЕКОВОД“ ЗА 19,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ЈА ГРАДИ ИНТЕРКОНЕКЦИЈАТА БИТОЛА-ЕЛБАСАН

Vecer | 26.12.2025

Комплетирање на регионалниот енергетски Коридор 8 - ХРВАТСКИ „ДАЛЕКОВОД“ ЗА 19,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ЈА ГРАДИ ИНТЕРКОНЕКЦИЈАТА БИТОЛА-ЕЛБАСАН

Успешно заврши постапката за избор на најповолен понудувач за проектот од највисок стратешки интерес, изградбата на 400-киловолтната интерконекција Битола – Елбасан, информира АД МЕПСО.

Се работи за компонента 1 од проектот – далековод од трансформаторската станица Битола 2 преку трансформаторската станица Охрид до македонско-албанската граница.

Со овој чекор, компанијата официјално го рестартира проектот кој ќе ја воспостави клучната енергетска поврзаност помеѓу Македонија и Албанија.

„По спроведената меѓународна постапка преку системот за е-набавки на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), отворен на 25.4.2025 година, и по детална евалуација на пристигнатите понуди, како најповолен понудувач е избран меѓународниот конзорциум предводен од ДАЛЕКОВОД д.д. од Хрватска. Вкупната вредност на прифатената понуда изнесува 19.696.200,85 евра. Целата постапка беше водена согласно строгите политики за набавки на ЕБРД, што претставува гарант за транспарентност и за објективност“, информира АД МЕПСО.

Овој избор доаѓа по стратешки неопходната одлука на раководството за раскинување на претходниот договор кој го компромитираше и одолговлечи проектот, а таа постапка беше водена строго според меѓународните ФИДИК стандарди, се додава во соопштението.

„Во насока на заштита на државниот интерес и финансиска ефикасност, АД МЕПСО обезбеди континуитет на инвестицијата: 51,2% од потребната опрема е веќе испорачана од претходниот изведувач, истата е во сопственост на МЕПСО и ќе биде вградена од страна на новоизбраниот изведувач, со што се спречи финансиска штета по компанијата. Со потпишувањето на Договорот ќе започне реализацијата на работите со рок на извршување од 30 месеци. Реализацијата на овој проект го затвора единствениот отворен крак во нашиот преносен систем, овозможувајќи комплетирање на регионалниот енергетски Коридор 8 и значајно подобрување на напонските прилики во југозападниот дел на земјата. АД МЕПСО останува посветен на транспарентно, отчетно и ефикасно спроведување на капиталните проекти од витален интерес за енергетската стабилност на државата“, соопшти компанијата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk