logo
logo
logo

ГРАЃАНИТЕ ЌЕ БИДАТ ЗАШТИТЕНИ: Во овој момент не размислуваме за намалување на ДДВ за дизел, преговараме со „Окта“ за продолжување на попустот

Vecer | 29.04.2026

ГРАЃАНИТЕ ЌЕ БИДАТ ЗАШТИТЕНИ: Во овој момент не размислуваме за намалување на ДДВ за дизел, преговараме со „Окта“ за продолжување на попустот

Во овој момент не размислуваме за намалување на ДДВ-то на дизел-горивото, а преговараме со „Окта“ за продолжување на попустот – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски дополни дека акцизите остануваат исти и оти Владата ќе носи одлука врз основа на просечната цена на бензините и дизелот во втората половина на месецот.

– Дизелот веќе беше над 1200 долари по тон, што значи тие 4 денари ќе останат. Безоловниот беше под 1200 долари по тон, и имаше два денари, но очекувам сега и тој да оди над 1200, така што и таму ќе имаме 4 денари по литар повторно намалени акцизи, рече Мицкоски, по седницата на Комитетот за јавни инвестиции.

Посочувајќи на цените на горивата во регионот, како и дека „буџетот во Србија буквално колабира“, рече дека ние не сме во таква состојба поради, како што нагласи, стабилните политики што ги води Владата.

– Ќе продолжиме и понатаму со стабилни политики и заштита на стандардот на граѓаните – рече Мицкоски.

Упати на табелата што ја објави Меѓународниот монетарен фонд, која, истакна, покажува дека како држава сме трета во Европа што применила мерки за справување со кризата, како процент од бруто-домашниот производ. Тоа, потенцира, е показател дека како резултат на оваа активна политика и робусните мерки што ги применивме граѓаните во Македонија плаќаат најевтини горива – и дизел и бензин.

– Во таа насока, ќе продолжиме и во периодот што следува. Точно е дека тоа има импикации врз буџетот, не може ништо да биде бесплатно, но важно е дека го зачувавме стандардот на граѓаните. Ако се спореди со кризната 2022 година, кога имавме двоцифрена инфлација, сега инфлацијата во март и април се движи на очекуваните нивоа – под пет проценти. Да видиме како ќе биде во април имајќи предвид дека во март и април применивме мерки кога ги промовиравме религиските кошнички, така што очекувам да имаме прилично стабилна структура понатаму во мај – изјави Мицкоски.

Тој дополни дека сè уште постои притисок од граѓаните од соседните држави за набавка на горива, која е зголемена за 30 проценти, и оти сè уште кај нас со керозин се снабдуваат регионалните аеродорми.

- Немаме намера да престанеме и да воведеме забрана, како што тоа веќе го направија некои држави. Не сме интервенирале со државните резерви, се бориме да го задржиме стандардот и во овие два месеци, покрај овие големи предизвици што ги имаме и, би рекол, историски најголемата енергетска криза, која според своите размери се споредува со онаа од седумдесеттите години на минатиот век и онаа од 2022 година. Сепак, покажуваме жилавост и така ќе продолжиме и понатаму да се бориме – рече Мицкоски.

Според него, првиот квартал во наплатата на даноците е солиден. Има, како што рече, зголемување кај данокот на добивка и кај персоналниот данок на доход со двоцифрени проценти во споредба со претходната година, а кај данокот на додадена вредност едноцифрен, од 5,5 до 6 проценти.

Мицкоси упати на податоците за реализиацијата на буџетот заклучно со 27 април, според кои реализацијата кај предвидените приходи е 29 проценти, 33 проценти е кај расходите и околу 35 проценти кај капиталните инвестиции.

– Сè има своја поврзаност и сега засега немаме простор за паника. Граѓаните да бидат сигурни и безбедни, има кој да размислува и да води стабилни политики. Во овој момент Македонија не е држава што повеќе коленичи, туку рефлектира стабилност во регионот и така ќе продолжиме – изјави Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk