logo
logo
logo

„ЌЕ ГО ЗАПРЕМЕ ЛИХВАРСТВОТО ОД БРЗИТЕ КРЕДИТИ, се стега законската рамка“

Vecer | 24.09.2025

„ЌЕ ГО ЗАПРЕМЕ ЛИХВАРСТВОТО ОД БРЗИТЕ КРЕДИТИ, се стега законската рамка“

Во вечерашното издание на емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска зборуваше за состојбата и регулацијата на финансиските друштва во земјава.

„На пример, вие знаете, во една банка максималната изложеност на едно физичко лице може да биде до 55% од примањата. Кај овие финансиски друштва тоа е 70%. Тоа е утврдено со закон, меѓутоа во законот точно е наведено што значи лично примање, дека треба да се побараат податоци од кредитното биро и слично. Сега ги доредуваме сите овие работи,“ изјави министерката.

Таа нагласи дека во изминатата година сериозно се работело на зајакнување на контролата врз овие друштва.

„Две лиценци се одземени, четири прекршочни налози и глоби се констатирани. Имаме информации што се случува на терен. Сега се подготвува уште една прекршочна постапка за друштво со сериозни пропусти токму во делот на пресметките и начинот на калкулирање на трошоците, спротивно на законот,“ посочи таа.

Министерката истакна дека целта на Владата не е директно затворање на ваквите компании, туку заштита на граѓаните.

„Некои друштва веќе вратија повеќе од тоа што законски требало. Сега тоа друштво ќе добие не само опомена, туку и конкретни инструкции што треба да направи. Многу внимание се посветува на ова и дефинитивно ќе се заостри рамката околу нив,“ рече Димитриеска Кочоска.

Таа објасни дека е вклучено и финансиското разузнавање преку механизмите за спречување перење пари, со цел поблиска соработка во утврдување на индикатори за евентуални неправилности.

„Во овој момент не можеме да кажеме многу повеќе, бидејќи законот им дозволува дел од средствата до 1.000 евра да може да ги исплаќаат во кеш. И во таа насока размислуваме како тој дел дополнително да го затегнеме,“ додаде министерката за финансии.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk