Кина денеска соопшти дека нема да обрнува внимание на американската „игра со бројки“ кога станува збор за тарифите, откако Белата куќа соопшти дека Кина сега трпи царини до 245 отсто поради нејзините одмазднички мерки.
Во соопштението објавено од Белата куќа, се наведува дека обврските на Кина вклучуваат нова реципрочна царина од 125 отсто, дополнителни 20 отсто за одговор на кризата со фентанил, како и царини меѓу 7,5 и 100 отсто за одредени стоки поради нефер трговски практики, објави Ројтерс.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, неодамна воведе дополнителни царини за стоки од сите земји, а потоа повлече дел од мерките за голем број земји, задржувајќи строги давачки исклучиво кон Кина.
Пекинг одговори со зголемување на сопствените царини за американски стоки и отфрлање на нови разговори, тврдејќи дека разговорите може да се водат само врз основа на меѓусебно почитување и еднаквост.
Во исто време, многу други земји почнаа да преговараат за билатерални трговски договори со Вашингтон.
Минатата недела, Кина поднесе нова жалба до Светската трговска организација (СТО), изразувајќи „сериозна загриженост“ за американските царини и обвинувајќи ги САД за кршење на правилата на глобалната трговска организација.
Кина оваа недела неочекувано назначи нов главен трговски преговарач - заменувајќи го актуелниот Ванг Шоен и назначувајќи го Ли Ченгганг, кинески амбасадор во СТО.
Американските власти рекоа дека Трамп е отворен за постигнување трговски договор со Кина, но дека Пекинг мора прво да го направи потегот, нагласувајќи дека на Кина и се потребни „американски пари“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата