logo
logo
logo

Трамп: ВЕ ГЛЕДАМ! РАБОТИТЕ ЗА НЕПРИЈАТЕЛОТ. Немојте да го правите тоа!

Vecer | 23.06.2025

Трамп: ВЕ ГЛЕДАМ! РАБОТИТЕ ЗА НЕПРИЈАТЕЛОТ. Немојте да го правите тоа!

Американскиот претседател Доналд Трамп испрати порака на својата платформа „Truth Social“, предупредувајќи ги глобалните играчи да не ги зголемуваат цените на нафтата додека Блискиот Исток врие од американските напади врз нуклеарните постројки на Иран.

„Сите, не ги зголемувајте цените на нафтата. Ве гледам! Работите за непријателот. Не го правете тоа!“ напиша Трамп со големи букви, сугерирајќи дека зголемувањето на цените на енергијата би можело да му користи на Иран и дополнително да ја дестабилизира ситуацијата.

Соопштението на Трамп доаѓа два дена откако САД започнаа напади врз нуклеарните постројки на Иран, потег што предизвика остри осуди од Техеран, Москва и Пекинг, како и загриженост за можна поширока ескалација на конфликтот во регионот. Иран веќе најави „невидена одмазда“, а американските бази во регионот се ставени во состојба на зголемена готовност.

Цените на нафтата достигнаа петмесечен максимум по нападот врз Иран

Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 2,5 проценти на глобалните пазари минатата недела и продолжија да растат денес, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето на Блискиот Исток откако САД ги бомбардираа нуклеарните постројки во Иран во саботата.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 3,6 проценти, на 77,01 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 2,7 проценти, на 73,84 долари.

Во понеделник наутро, цените дополнително се зголемија за повеќе од 2 проценти, достигнувајќи ги највисоките нивоа за пет месеци. Ова е последица на ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, откако САД се вклучија во војната меѓу Израел и Иран.

Во саботата, американските воени авиони бомбардираа три нуклеарни постројки во Иран, што треба да го спречи Техеран да произведува нуклеарно оружје. Иран одговори со лансирање уште повеќе ракети кон цели во Израел, што се заканува дополнително да го ескалира конфликтот на Блискиот Исток.

Трговците стравуваат за пратките на нафта преку Ормутскиот теснец, низ кој дневно минуваат 18 милиони барели нафта, кондензат и гориво. Вашингтон ја повика Кина да го спречи Иран да го затвори теснецот, низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта.

„Во сценарио каде што Иран селективно го нарушува Ормутскиот теснец, цената на барел нафта би можела да се искачи над 100 долари“, вели Вивек Дар, аналитичар во Комонвелт банката на Австралија.

Во изминатите десет дена, колку што трае ракетниот оган меѓу Израел и Иран, цената на барел нафта на лондонскиот пазар се зголеми за повеќе од 13 проценти, а на американскиот пазар за повеќе од 10 проценти.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk