На германскиот пазар на домување, странците плаќаат повеќе кирија во просек од германските граѓани. Во 2022 година, тие платиле 7,75 евра кирија по квадратен метар, што е за 9,5 проценти повеќе отколку што плаќаат Германците, според Федералниот завод за статистика.
Делумно, разликата може да се објасни со фактот дека германските станари живеат во просечно поголеми станови, кои се издаваат под кирија по поповолни цени по квадратен метар.
Според резултатите од пописот од 2022 година, на кои се повикува институтот, странците изнајмуваат станови почесто од германското население, но помалку ги користат старите договори за изнајмување, пренесува ДПА.
Дури и кога станува збор за станари кои живеат во стан повеќе од 20 години, тие сепак плаќаат 9,1 процент повеќе од Германците.
Разликата е седум проценти за период на закуп помеѓу 10 и 15 години, додека се намалува на 3,5 проценти за договори пократки од една година.
Статистичарите, исто така, ја нагласуваат врската помеѓу разликата во киријата и големината на местото на живеење.
Во средните градови со 50.000 до 100.000 жители, разликата била најмала, 6,6 проценти, додека странците во малите општини со помалку од 10.000 жители морале да платат 10,6 проценти повеќе.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата