Цените на гасот во Европа скокнаа за повеќе од 20 проценти, достигнувајќи го највисокото ниво за повеќе од една година под влијание на американско-израелскиот напад врз Иран и прекините во транзитот на енергетски производи низ Ормутскиот теснец.
На референтната холандска дигитална берза TTF, еден мегават-час гас за испорака во април изнесуваше 39,84 евра наутро и беше за 24,6 проценти поскап отколку на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела.
За кратко време, неговата цена беше блиску до нивото од 41 евро. Утрото, гасот се тргуваше по највисока цена од 14 февруари минатата година, покажуваат податоците.
ЕУ увезува течен природен гас од Катар
Цените скокнаа по израелско-американскиот напад врз Иран во саботата. Иран одговори со испукување ракети врз Израел и американските бази во голем број земји долж Персискиот Залив, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар, водечкиот светски извозник на течен гас.
Сообраќајот на танкери низ Ормутскиот теснец е речиси запрен, иако Иран официјално не го затворил. Осигурителите во понеделник предупредија дека нема да го покриваат превозот во поширокиот регион на Персискиот Залив.
20 милиони барели нафта дневно и околу една петтина од пратките на течен гас минуваат низ теснецот, главно од Катар, според податоците на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) од 2024 година.
Во меѓувреме, ЕУ го суспендираше увозот на руски гас преку цевководи и планира да ја запре и набавката на течен природен гас (ЛНГ). Во моментов, тие купуваат гас главно од САД, Катар и Норвешка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата