Премиерот Христијан Мицкоски ги поздрави најновите податоци на Државниот завод за статистика, кои покажуваат позитивни економски трендови во државата. Тој истакна дека растот на индустриското производство и двоцифрениот скок во трговијата на мало се јасен сигнал дека владините мерки даваат резултат во зајакнувањето на куповната моќ на граѓаните.
Иако преработувачката индустрија бележи охрабрувачки резултати, премиерот посочи дека секторот рударство сè уште се соочува со предизвици и намалена активност во првиот квартал. Сепак, со новите инвестициски проекти и капацитети во индустриските зони, Владата очекува дополнително придвижување на целата економија.
„Конечно во март месец имаме значаен раст на индустриското производство, споредено со март минатата година, од 3%. Трговијата на мало расте со двоцифрен број проценти, близу 13%, мислам дека беше 12,6%. Ние како Влада работиме за зголемување на куповната моќ на граѓаните и ќе продолжиме во таа насока. За жал, за нас останува сè уште проблем рударството како сектор во првиот квартал. Но, будно ја следиме состојбата и со сите нови проекти и производни капацитети, јас сум охрабрен што преработувачката индустрија расте“, рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата