logo
logo
logo

Ворен Бафет го купува ослабениот UnitedHealth, ПРОДАВА ПОВЕЌЕ АКЦИИ НА APPLE

Vecer | 16.08.2025

Ворен Бафет го купува ослабениот UnitedHealth, ПРОДАВА ПОВЕЌЕ АКЦИИ НА APPLE

Инвестициската компанија „Беркшир Хатавеј“, предводена од Ворен Бафет, продолжи да го намалува својот удел во „Епл“ во вториот квартал од 2025 година, продавајќи акции во вредност од над четири милијарди долари.

Станува збор за околу 20 милиони акции, што ја намали вкупната позиција на 280 милиони акции, во вредност од 57,4 милијарди долари.

Ова е првиот бран на продажба од третиот квартал од 2024 година, кога „Беркшир“ веќе значително ја намали својата изложеност на „Епл“ за повеќе од две третини.

Тој повеќегодишен инвестициски потег, започнат во 2016 година, беше еден од најпрофитабилните во историјата на конгломератот, при што профитот делумно беше пренасочен кон краткорочни државни обврзници на САД, туркајќи ги паричните резерви на „Беркшир“ на рекордни нивоа, објави „Фајненшл тајмс“.

Растот не ја оправдува цената

„Епл“ останува најголемата единечна позиција во портфолиото од 268 милијарди долари, со удел од приближно 20 проценти.

Аналитичарите и акционерите на „Беркшир“ сметаат дека причините за продажбата се првенствено високата пазарна вредност на „Епл“, додека растот на компанијата, според инвеститорот Дарен Полак од „Шевиот“, „не ги оправдува толку високите нивоа на цените на акциите“.

Продажбата се случи во период на нестабилност на цената на Епл, која во еден момент беше за повеќе од 30 проценти пониска отколку на крајот на 2024 година. Трговските конфликти меѓу САД и Кина, исто така, влијаеја на движењето на акциите, со оглед на тоа што Епл го држи поголемиот дел од своето производство надвор од американскиот пазар.

Акциите пораснаа за 12 проценти во јули откако извршниот директор Тим Кук објави нови инвестиции во САД, ублажувајќи ги загриженостите за царините.

Продажбата на акциите на „Епл“ сочинуваше најголем дел од вкупната продажба на акциите на „Беркшир“ во кварталот, која изнесуваше околу 6,9 милијарди долари.

Во исто време, конгломератот го намали својот удел во Банката на Америка и целосно се повлече од Те-Мобајл.

Нови инвестиции

Во исто време, „Беркшир“ инвестираше 3,9 милијарди долари во нови и постоечки позиции, вклучувајќи ја нафтената компанија „Шеврон“, синџирот ресторани „Доминос Пица“ и пиварската група „Констелејшн Брендс“, производителот на брендовите „Модело“ и „Корона“ за американскиот пазар.

Исто така, беше објавено дека акциите на американските градежни компании „Ленар“ и „ДР Хортон“, како и производителот на челик „Нукор“, беа купени во првиот квартал, но засега небјавено, додека позициите во „Ленар“ и „Нукор“ дополнително се зголемија во вториот квартал.

Нова инвестиција во американскиот здравствен осигурител „ЈунајтедХелт“, проценета на 1,6 милијарди долари на крајот на јуни, исто така привлече внимание.

Тоа се случи откако „ЈунајтедХелт“ ја повлече својата проекција за профит во мај, а тогашниот извршен директор Ендру Вити поднесе оставка. Компанијата е предмет на повеќе владини истраги, вклучително и кривична истрага за програмата Медикер.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk