Директорот на италијанската компанија Панини, позната по производството на албуми за самолепливи налепници, Алдо Хуго Салустро, ненадејно почина на 75-годишна возраст, објавија денеска италијанските медиуми.
Салустро бил активен цело време и до последниот ден доаѓал во канцеларијата во компанијата, која била и издавач на стрипови на Марвел за Италија, објави Анса.
Салустро, кој е роден во Буенос Аирес, Аргентина, помина 33 години на чело на Панини.
Компанијата, најпозната по производството на налепници, е основана од браќата Панини во 1961 година во градот Модена и оттогаш неколкупати менувала сопственици, потсети Анса.
Салустро беше еден од сегашните сопственици, заедно со неговите сестри Ана и Тереза Барони.
Под негово управување, компанијата стана мултинационален конгломерат кој генерира приходи од 1,5 милијарди долари и произведува повеќе од пет милијарди налепници годишно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата