logo
logo
logo

„Ролс-Ројс“ започнува со изградба на мали нуклеарни реактори: влегуваме во златното доба на нуклеарната централа

Vecer | 10.06.2025

„Ролс-Ројс“ започнува со изградба на мали нуклеарни реактори: влегуваме во златното доба на нуклеарната централа

Британскиот автомобилски гигант „Ролс-Ројс“ го доби тендерот за изградба на првите мали модуларни нуклеарни реактори СМР (SMR) во Велика Британија, како дел од напорите на владата да ја позиционира земјата на врвот на светската нуклеарна технологија.

Британската државна компанија „Грејт Бритиш Енерџи“ во вторникот објави дека „Ролс-Ројс“ е избран за префериран понудувач по месеци конкуренција со две американски компании.

Веста е дел од пошироката стратегија на британската влада за инвестирање во нуклеарна енергија, вклучително и ветување за инвестирање 14,2 милијарди фунти во изградбата на големата нуклеарна централа „Сајзвел Ц“ во Сафолк.

Овие инвестиции ќе бидат клучен дел од претстојниот преглед на буџетот, кој ќе го презентира во среда министерката за финансии Рејчел Ривс, во обид да се одвлече вниманието од критиките за укинувањето на зимските надоместоци за пензионерите.

Електраната „Сајзвел Ц“ ќе произведува 3,2 гигавати електрична енергија, што е доволно за напојување на околу 6 милиони домаќинства. Од друга страна, малите модуларни реактори на „Ролс-Ројс“ ќе произведуваат по 470 мегавати. Во посебно владино соопштение се наведува дека реакторите ќе произведуваат вкупно до 1,5 гигавати, што укажува дека „Ролс-Ројс“ ќе добие дозвола за изградба на најмалку три вакви реактори.

Клучната разлика помеѓу големите електрани како што е „Сајзвел Ц“ и помалите СМР е тоа што модуларните реактори ќе се градат сериски во фабрика, а потоа ќе се склопуваат на лице место, со што значително ќе се намалат трошоците, сложеноста и доцнењата – како што е случајот со проектот Хинкли Поинт Ц.

Иако СМР технологијата сè уште не е целосно докажана никаде во светот, „Ролс-Ројс“ тврди дека ја користи добро познатата технологија на реактор под притисок, што би можело да овозможи почеток на производство на електрична енергија веќе во 2032 година. Клучни клиенти ќе бидат големи центри за податоци на технолошки компании.

– Го завршуваме стариот статус без нуклеарна енергија и влегуваме во златното доба на нуклеарната централа – со најголемиот градежен проект во една генерација – изјави министерот за енергетика Ед Милибанд.

Владата сè уште не ги открила локациите на првите СМР, иако се очекува тие да бидат инсталирани веднаш до деактивирани електрани, како што се Олдбери во Глостершир и Вилфа во северен Велс.

„Ролс-Ројс“ од Дерби ги надмина конкурентите од САД, компаниите „Холтек“ и „ЏЕ Хитачи“, додека канаѓанскиот „Вестингхаус“ се повлече претходно за време на натпреварот.

„Ролс-Ројс СМР“, кој делумно е финансиран од државниот фонд на Катар, претходно беше главен фаворит, но оваа одлука дополнително ја зајакнува позицијата на компанијата чии акции достигнаа рекордна вредност овој месец – што ја прави најголем британски производител според пазарната вредност.

Компанијата има корист од зголемената побарувачка за млазни мотори, зголемените трошоци за одбрана по руската инвазија на Украина и напорите на извршниот директор Туфан Ергинбилгич да преговара за подобри договори.

– Ова е многу важна пресвртница за нас и за „Ролс-Ројс СМР“. Ова е знак на доверба во нашите уникатни нуклеарни способности што ќе бидат препознаени од другите влади низ целиот свет – рече Ергинбилгиќ.

Владата изјави дека овој проект ќе создаде 3.000 работни места за време на фазата на изградба, ќе ја поттикне регионалната економија и ќе ја зајакне енергетската безбедност. Целта е 70 проценти од компонентите да се произведуваат во Велика Британија, иако поради доцнења веќе е одлучено дека клучните делови – садови под притисок – ќе бидат набавени од странски производител.

– Велика Британија се враќа таму каде што припаѓа – на чело на развојот на идните технологии, со Ролс-Ројс СМР“ како водечки партнер – рече министерот Ривс.

Извршниот директор на Британската асоцијација за нуклеарна индустрија, Том Гретрекс, изјави дека ова е „огромно важен момент за Ролс-Ројс СМР и британската нуклеарна програма“, истакнувајќи го потенцијалот за извоз на оваа технологија.

И додека Велика Британија ќе биде првата земја со овој реактор, „Ролс-Ројс“ веќе се согласи да изгради еден СМР во Чешка, а е меѓу последните двајца кандидати на тендерот во Шведска, пишува „Гардијан“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk