Акциите во Токио денес пораснаа трет ден по ред, поттикнати од очекувањата дека економската политика на Јапонија може да се промени откако премиерот Шигеру Ишиба објави оставка.
Индексот Никеи го затвори тргувањето на 43.643,81 поени, што е за 1,45 проценти повеќе од петокот, додека поширокиот индекс Топикс скокна за 1,06 проценти и достигна нов рекорд.
Акциите од секторите за недвижности, фармацевтски производи и обоени метали најмногу пораснаа, објавува Кјодо.
Слабеењето на јенот, исто така, ги зголеми цените на акциите на извозниците, бидејќи послабата валута ги зголемува нивните профити од странство.
Доларот се тргуваше по 147,52 јени, додека приносот на 10-годишните државни обврзници на Јапонија малку се намали на 1,565 проценти. Растот на берзата беше дополнително стимулиран од објавените податоци за економскиот раст.
Јапонската економија порасна за 2,2 проценти на годишно ниво во вториот квартал од 2025 година, што е повеќе од двојно од претходната проценка за раст од еден процент.
Аналитичарите предупредуваат дека долгорочниот тренд ќе зависи од тоа кој ќе го наследи Ишиба, како и од политиките на новата влада.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата