Основачот на Амазон, Џеф Безос, предвидува дека центри за податоци (дата центри) од гигавати да бидат изградени во вселената во следните 10 до 20 години и дека континуирано достапната сончева енергија ќе им овозможи еден ден да ги надминат оние на Земјата, објавува Ројтерс.
Зборувајќи на Италијанската технолошка недела во Торино, Безос го спореди и подемот на вештачката интелигенција со интернет бумот од почетокот на 2000-тите, поттикнувајќи оптимизам и покрај ризикот од шпекулативни меурчиња.
Идејата за изградба на орбитални центри за податоци го привлекува вниманието на големите технолошки компании, додека центрите на Земјата ја зголемуваат потрошувачката на електрична енергија и вода за ладење на серверите.
Кога метеоролошките сателити можат, можат и дата центрите
„Овие големи кластери за обука за вештачка интелигенција се подобро изградени во вселената, бидејќи таму имаме сончева енергија 24/7. Без облаци и без дожд, без лошо време“, рече Безос во јавен разговор со претседателот на Ферари и Стелантис, Џон Елкан.
„Ќе можеме да ги намалиме трошоците за центри за податоци во вселената за една или две децении во споредба со центрите за податоци на земјата.“
Безос рече дека преместувањето на инфраструктурата во вселената е дел од поширок тренд на користење на вселената за подобрување на животот на Земјата.
„Тоа веќе се случи со метеоролошките и комуникациските сателити“, рече тој.
„Следниот чекор е центри за складирање податоци, а потоа и производство на различни видови.“
Градењето центри за податоци во вселената има предизвици, вклучувајќи тешкотии со одржувањето и надградбите, високата цена на лансирање ракети и ризикот од неуспех на лансирањата.
Безос не ја заборави ниту вештачката интелигенција
Зборувајќи за вештачката интелигенција, Безос рече дека бранот на вештачката интелигенција има слични карактеристики на ерата на дот-ком, кога големата возбуда беше проследена со пад.
„Треба да бидеме исклучително оптимисти за социјалните и корисните последици од вештачката интелигенција, како што бевме со интернетот пред 25 години - таа е реална и тука ќе остане.“
„Важно е да се одделат потенцијалните меурчиња и последиците од нивното пукање, што може, но и не мора да се случи, од реалноста“, рече Безос, додавајќи дека се очекува придобивките од вештачката интелигенција „да бидат широко распространети и да се прошират насекаде“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата