logo
logo
logo

Народна банка е подготвена да се справи со непредвидливите предизвици за монетарната и за финансиската стабилност

Vecer | 22.09.2025

Народна банка е подготвена да се справи со непредвидливите предизвици за монетарната и за финансиската стабилност

Монетарната политика и во иднина ќе биде претпазлива согласно предизвиците од неизвесностa поврзана со домашното и надворешното окружување. Народната банка и натаму проактивно ќе ги следи состојбите и ќе биде подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност.

Ова, како што соопшти Нардна банка, го истакнал гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој учествува на панел-дискусија на 13-тата годишна конференција во организација на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева.

Славески посочил и дека во изминатите години светот се соочи со неколку последователни кризи, а македонската економија како мала транзициска економија, се соочи со повеќе шокови со кои успешно се справи задржувајќи ја макроекономската стабилност како резултат на институционалниот капацитет на централната банка.

– И во претстојниот период, особено важни ќе бидат широкиот монетарен инструментариум и силната координација со другите макроекономски политики заради натамошно закотвување на инфлациските очекувања и за обезбедување одржлив економски раст – рекол Славески.

Тој оценил дека, и покрај очекувањата за постепено намалување на инфлацијата, и натаму има бројни ризици поврзани со динамиката на цените на услугите, при што ја посочи координацијата помеѓу монетарната и фискалната политика како најважна во сегашниот економски контекст.

Според него, Народна банка, потпирајќи се на стекнатото искуство од екстерните шокови во минатото, е подготвена да се справи со евентуалните непредвидливи предизвици за монетарната и за финансиската стабилност и во иднина. При ова, најважно е одржувањето на независноста на централната банка и кредибилноста на нејзините политики, како и одржувањето солидно ниво на девизните резерви заради заштита на стабилноста на девизниот курс на националната валута.

– Структурните предизвици, како што се процесите на деглобализација, непредвидливите трговски тензии, демографските промени, како и технолошкиот напредок со посебен акцент на вештачката интелигенција, и натаму ќе влијаат врз потенцијалниот економски раст и инфлацијата. За да се приспособиме кон овие околности, потребен е проактивен пристап и структурни реформи коишто ќе обезбедат отпорност на економијата и ќе придонесат за ублажување на инфлациските притисоци на подолг рок – рекол Славески.

Тој  нагласил дека централните банки внимателно ги следат случувањата во светот и се подготвени навремено да реагираат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk