Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека нема да им дозволи на одбранбените компании да исплаќаат дивиденди или да ги откупуваат своите акции сè додека, како што изјави, не ги решат неговите забелешки за работењето на таа индустрија.
Во долг пост на Truth Social, Трамп, исто така, остро ги критикуваше платите на раководителите на одбранбените компании, нарекувајќи ги „астрономски и неоправдани со оглед на тоа колку бавно овие компании испорачуваат критична опрема на американската војска и нејзините сојузници“.
По изјавите на Трамп, акциите на големите американски производители на оружје паднаа за околу 2 проценти. Меѓу нив се General Dynamics, Lockheed Martin и Northrop Grumman.
Трамп не објасни детално за кои проблеми во одбранбената индустрија се осврнува, но рече дека компаниите прво мора да одговорат на неговите барања пред да се вратат на плаќањата на акционерите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата