logo
logo
logo

Мицкоски: Верувам дека можеме да дојдеме до решенија кои ќе обезбедат подобар стандард за работниците и здрава деловна клима за работодавачите

Vecer | 22.12.2025

Мицкоски: Верувам дека можеме да дојдеме до решенија кои ќе обезбедат подобар стандард за работниците и здрава деловна клима за работодавачите

„Денешната седница на Економско-социјалниот совет ја потврдува нашата заедничка определба – клучните економски и социјални прашања да ги решаваме преку дијалог, партнерство и заемна одговорност. Овој Совет не е формалност, туку темел на социјалната кохезија и стабилност во државата, место каде што интересите на работниците, работодавачите и Владата се среќаваат со цел да се изгради одржлива и правична економија“, вели Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Македонија.

Мицкоски истакна дека целта на Владата е да создаде посилна економија која отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин.

„Нашата цел е јасна – посилна економија што создава вредност, отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин. Економскиот раст што го градиме мора да биде инклузивен и правичен, а резултатите од тој раст мора да се почувствуваат кај работниците, но и да обезбедат стабилност и конкурентност за компаниите. Во тој контекст, прашањето за минималната плата е исклучително важно и чувствително“, рече тој.

Премиерот Мицкоски потенцираше дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите.

„Сакам јасно да нагласам, Владата не е против зголемување на минималната плата. Нашата заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван. Но исто така сме цврсто убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности. И тој раст мора да биде согласно потенцијалите и капацитетите на економијата. Јас не сум за наметнати решенија. Следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард“, нагласи Мицкоски и додаде:

„Одржливо зголемување на платите не се постигнува со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со силна и продуктивна економија. Затоа паралелно со разговорите за минималната плата, мора да работиме на зголемување на продуктивноста, поддршка на бизнисите, инвестиции во технологија, иновации и човечки капитал. Само така ќе создадеме услови платите да растат континуирано, без да се загрозат работните места или конкурентноста на компаниите.“

Премиерот Мицкоски посочи дека Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес.

„Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес. Ќе ги поддржиме сите решенија што се правични, економски издржани и договорени преку консензус. Наш интерес не е краткорочен политички поен, туку долгорочна стабилност, предвидливост и економија што може да ги издржи предизвиците на современото време. Верувам дека преку искрен дијалог, меѓусебна почит и заедничка визија, можеме да дојдеме до решенија кои ќе обезбедат подобар стандард за работниците и здрава деловна клима за работодавачите. Тоа е патот кон посилна економија и посигурна иднина за нашата држава“, заклучи Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk