Денес, Европската комисија усвои амандман на Упатствата за државна помош во рамките на Системот за трговија со емисии на стакленички гасови (ETS), со цел да се задржат енергетски интензивните индустрии во ЕУ.
Со овој амандман, проширен е списокот на сектори кои можат да добијат надомест за трошоците за електрична енергија настанати поради цените на емисиите на јаглерод диоксид, а меѓу нив се и секторите за производство на органски хемикалии, керамика, стакло и батерии.
Секторите кои веќе беа опфатени сега можат да добијат надомест до 80 проценти, во споредба со претходните 75 проценти, за да се покрие поголемиот ризик од преместување на производството надвор од ЕУ.
Големите корисници на државна помош ќе бидат обврзани да инвестираат дел од средствата во проекти што ги намалуваат трошоците на електроенергетскиот систем и придонесуваат за зелената транзиција.
Комисијата, исто така, предвиде дека земјите-членки можат да предложат дополнителни сектори кои не се на списокот, доколку докажат дека се изложени на реален ризик.
Поради пониските трошоци, компаниите го преместуваат производството во земји со послаби ограничувања на емисиите, а клиентите ги заменуваат производите од ЕУ со увоз од земји каде што производството предизвикува повеќе емисии на јаглерод диоксид.
Оваа ситуација претставува двојна загуба, бидејќи европската економија ја губи конкурентноста, а глобалните емисии на јаглерод диоксид не се намалуваат.
Новата регулатива треба да ги промени овие трендови и да ги мотивира компаниите да останат во Европската Унија, а е создадена по консултации со заинтересираните сектори, се наведува на веб-страницата на ЕК.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата