Во трката за развој на вештачка интелигенција, нема јасен победник и успехот не се мери според најмоќниот модел, туку според брзината на воведување и примена на системите за вештачка интелигенција.
Претседателот на Alibaba Group, Џо Цаи, рече дека „нема јасен победник“ во глобалната трка за развој на вештачка интелигенција (ВИ), бидејќи ситуацијата во индустријата се менува од недела во недела.
Зборувајќи на конференцијата All-In Summit 2025, Цаи истакна дека успехот во вештачката интелигенција не треба да се мери според силата на моделите, туку според брзината и ефикасноста на нивната примена.
„Мојата дефиниција за победа не е кој го има најсилниот модел, туку кој го имплементира најбрзо и најшироко“, рече Цаи.
Тој верува дека Соединетите Американски Држави можат многу да научат од Кина, особено кога станува збор за стратегијата за развој и имплементација на технологии за вештачка интелигенција.
Додека западните компании имаат тенденција да се фокусираат на градење огромни, скапи модели и инфраструктура, кинескиот пристап, рече тој, нагласува практична примена во секојдневните производи - од мобилни телефони до деловни решенија.
Цаи додаде дека Кина можеби не е предводник во техничката моќ на моделот, но се движи екстремно брзо кога станува збор за воведување на вештачката интелигенција во процесите и производите од реалниот свет.
Алибаба е една од водечките кинески компании во областа на вештачката интелигенција и дигиталната економија, а Цаи истакнува дека брзата интеграција на системите за вештачка интелигенција ќе биде клучна за следната фаза од глобалната технолошка трка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата