logo
logo
logo

РУСИЈА И КИНА СЕ ПОВРЗУВААТ СО ЖИЧАРИ И ШИНИ? Размислуваат за изградба на најдолгата брза железница во светот

Vecer | 17.09.2025

РУСИЈА И КИНА СЕ ПОВРЗУВААТ СО ЖИЧАРИ И ШИНИ? Размислуваат за изградба на најдолгата брза железница во светот

На маргините на самитот на Шангајската организација за соработка во Тјенџин, се појави вест што звучи како научнофантастично сценарио - Русија и Кина размислуваат за изградба на најдолгата брза железница во светот.

Должината на железницата би била околу седум илјади километри, со што патувањето од Москва до Пекинг би траело само 15 часа.

Возот на иднината низ Сибир

Според информациите од руските и кинеските медиуми, претседателите Владимир Путин и Си Џинпинг разговарале за идејата за скратување на патувањето, кое сега трае шест до седум дена со воз, на помалку од еден ден.

Планираната брзина на композициите би била од 350 до 400 километри на час, што би ја направило оваа рута рекордер меѓу брзите железници во светот.

Планираната рута би ги вклучувала најголемите градови во Русија - Нижни Новгород, Казан, Екатеринбург, Новосибирск, Иркутск и Чита - од каде што би се протегала до кинеските градови Харбин, Хохот и Пекинг.

Секој од овие градови би можел да стане нов логистички и економски центар, привлекувајќи капитал и население.

Амбициозен план и финансиски ризици

Според достапните информации, планирано е формирање на заеднички фонд вреден 30 до 40 милијарди долари. Кинеските банки би обезбедиле поволни кредити, додека Русија би била одговорна за трасата до Забајкалск, а Кина за делот од границата до Пекинг.

Првата фаза, Москва-Новосибирск, треба да биде завршена до 2030 година, а целиот проект до средината на 2030-тите.

Сепак, експертите предупредуваат дека трошоците веројатно се потценети и дека поради должината на трасата, пермафростот, мочуриштата и екстремните климатски услови, цената би можела да биде двојно повисока.

Одржувањето на железница низ Сибир би барало посебни технологии и постојани инвестиции.

Дали ќе има патници?

Едно од клучните прашања е економската профитабилност.

Авионскиот сообраќај е сè уште побрз и веројатно поевтин, а густината на населението во Сибир е ниска.

Секако би имало патници на пократки растојанија - до Казан или Екатеринбург - но прашањето е дали линијата до Далечниот Исток ќе привлече доволно корисници за да ги оправда огромните инвестиции.

- Самиот проект може да го стимулира развојот на тие градови, но тешко е да се очекуваат масовни текови на патници што би ја вратиле инвестицијата - оценува Кирил Јанков, член на јавниот совет при руското Министерство за транспорт.

Геополитика на шини

Освен економските дилеми, проектот покренува и политички прашања. Доколку поголемиот дел од финансирањето и технологијата ги преземе Кина, Русија би можела да заврши во улога на помлад партнер, задолжен за тешки градежни работи, како и за отплата на кредити.

Покрај тоа, санкциите и меѓународните ограничувања би можеле да ја забават испораката на опрема и да ја направат работата поскапа.

Сепак, никој не ја оспорува стратешката важност на таквата железница.

Доколку се реализира, таа би можела да го трансформира Сибир од периферијата во срцето на Евроазија, да го зајакне „Новиот пат на свилата“ и да отвори нова копнена алтернатива на воздушниот сообраќај.

За Русија тоа би значело стотици илјади нови работни места и стимул за металургијата и градежништвото, додека Кина би добила доказ дека нејзината железничка технологија функционира дури и во екстремни услови.

Брзата железница Москва-Пекинг не би била само транспортна линија, туку и симбол на новата Евроазија - континент каде што геополитичката карта ја цртаат шини, а не граници.

Поврзување со жичара

Градовите Благовешченск во Русија и Хеихе во Кина наскоро ќе бидат поврзани со првата меѓудржавна жичарница во светот.

Оваа жичарница, долга 976 метри, ќе се протега над реката Амур и ќе претставува револуционерен инфраструктурен проект во глобалниот сообраќај.

Изградбата е веќе во напредна фаза - каблите моментално се протегаат помеѓу два потпорни столба, од кои едниот се наоѓа на руска, а другиот на кинеска територија. Проектот го спроведуваат заеднички руски и кинески експерти, користејќи ги најсовремените технологии.

Кабините на жичарницата ќе можат да сместат до 110 патници по возење, а патувањето меѓу двете земји ќе трае само две и пол минути. Планирано е две кабини постојано да кружат над Амур, што ќе овозможи брз и континуиран проток на патници.

Капацитет до 2,5 милиони патници годишно

Според проценките, жичарницата ќе има капацитет од 457 патници на час, што значи дека ќе транспортира до 2,5 милиони луѓе годишно. Ова значително ќе ја забрза комуникацијата и туризмот меѓу двата соседни градови, а во исто време дополнително ќе ги зајакне економските и културните врски меѓу Русија и Кина.

Пуштање во употреба во мај 2026 година

Околу 70 проценти од работата на проектот е завршена, а на руската страна веќе е изграден терминал од 26.000 квадратни метри опремен со најнова технологија. Вредноста на проектот се проценува на 13,2 милијарди рубли (околу 8 милијарди денари).

Официјалното отворање и почетокот на работата се планирани за мај 2026 година, што значи дека за помалку од една година, првите патници ќе можат да ја преминат границата меѓу Русија и Кина - преку самата река Амур.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk