Претходната македонска влада, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ), во рок од една година инкасирала 72 милиони евра помош од Европската Унија за справување со енергетската криза, но каде точно завршиле тие пари, јавноста сè уште не знае, се вели во истражувањето на мрежата CEE Bankwatch.
Станува збор за средства од Европската Унија доделени во рамките на Годишниот акционен план за енергетска поддршка, кој Северна Македонија го потпиша на почетокот на 2023 година, а преку кој земјите од Западен Балкан добија финансиска помош во износ од една милијарда евра.
Според тој план, парите требало да одат директно кај граѓаните како субвенција за сметки за електрична енергија, особено за најранливите категории на населението, но наместо тоа, дел од средствата завршиле во државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ).

Субвенциите само на хартија, граѓаните плаќаа иста цена
Според Bankwatch, спорно е дека тогашната влада во Скопјe тврдела дека средствата биле користени за субвенционирање на електрична енергија, додека граѓаните сè уште добивале сметки пресметани според тогашните тарифи на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Во тој период, сметките за електрична енергија содржеле табела во која владата тврдела дека субвенционирала повеќе од 70 проценти, понекогаш и до 90 проценти, од потрошувачката на електрична енергија на граѓаните преку ЕСМ.
Владата во тоа време изјави дека сметките ќе биле уште повисоки доколку не биле тие субвенции, но според истражувањето на Bankwatch, реалноста била сосема поинаква - износите на сметките останале исти, а цените што ги плаќале граѓаните биле одредени според тарифите утврдени од Регулаторната комисија за енергетика.

„Всушност, тие покажаа дека субвенционираат - 80, 90 проценти - а ние плаќавме иста цена како што ја утврди Регулаторната комисија за енергетика“, изјави за Радио Слободна Европа (RSE) Давор Пехчевски од Bankwatch, кој учествуваше во создавањето на истражувањето насловено: „Прашањето од милијарда евра - Што беше постигнато со пакетот за поддршка на енергијата на Западен Балкан?“.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, потврди дека граѓаните на Северна Македонија навистина плаќале за електрична енергија по цената утврдена од РКЕ, но додаде дека сметките всушност покажуваат пример што покажува дека, во случај ЕСМ да продавала електрична енергија по тогашните пазарни цени на берзите, износот би бил значително поголем.
Поранешниот премиер Димитар Ковачевски тогаш тврдеше дека табелите на сметките за електрична енергија не се пропаганда, туку начин граѓаните да бидат информирани за субвенциите што ги обезбедува државата за целиот регулиран пазар на електрична енергија.
Тој рече дека, без тие субвенции, граѓаните би плаќале многу повисоки цени, осврнувајќи се на тогашните пазарни цени на европските берзи, кои достигнувале до 500 евра за мегават-час.
Во истрагата на „Бенквоч“ се наведува дека износите за потрошена електрична енергија и дистрибутивни такси не биле намалени во самата сметка, туку останале исти како регулираната цена, „што значи дека оваа поддршка, всушност, биле пари директно исплатени на ЕСМ“.
„Дури и ако се претпостави дека ова е направено со цел да се одржат ниски цени за производство на електрична енергија, тоа е сосема различно од „домаќинствата кои добиваат поддршка“, како што е напишано во Акциониот план. Ова е особено проблематично бидејќи ЕСМ веќе добиваше стотици милиони евра директна поддршка - средства кои беа потрошени на нетранспарентен начин за купување фосилни горива“, велат од Bankwatch.
Од 2021 до 2023 година - 358 милиони евра префрлени во ЕСМ
Откако е официјално прогласена енергетската криза во ноември 2021 година, до мај 2023 година, македонските власти директно префрлија повеќе од 358 милиони евра на ЕСМ, наведува Bankwatch.
„Тоа е целосно хаотично. Акциониот план не воведува никакви нови мерки, индикаторите е невозможно да се следат и генерално - не е познато што е направено со тие пари во која било земја од Западен Балкан, не само овде“, вели Давор Пехчевски од Bankwatch.
90% повлечени без трага, за 10% - оваа влада ќе треба да се направи се што Таче и Ахмети не направиле додека краделе
Преку Акциониот план на ЕУ, вкупно една милијарда евра им беа достапни на земјите од Западен Балкан. Од таа сума, 500 милиони евра беа наменети како директна буџетска поддршка.
Македонија имаше на располагање 80 милиони евра, од кои 90 проценти - или 72 милиони евра - веќе се исплатени во првата транша.
Во Акциониот план е наведено дека дел од средствата се наменети за зголемување на енергетската ефикасност на зградите, за компаниите, за инвестиции во обновливи извори на енергија, за енергетска транзиција, а делумно за субвенционирање на сметките за електрична енергија за корисниците - но преку директно финансирање, а не преку ЕСМ.
Сегашната Македонска влада може да ги добие преостанатите 10 проценти (осум милиони евра) само откако ќе ги исполни активностите предвидени во Акцискиот план.
Ова значи дека прво мора да се усвојат ревидираниот Национален план за енергија и клима, ревидираниот Закон за енергетска ефикасност и Законот за обновливи извори на енергија, што се чекори што треба да се завршат пред да може да се побара исплата од 10 проценти.
Останатите 500 милиони евра од пакетот не беа директно достапни за државите, но средствата можеа да се повлечат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), преку специфични проекти. Сепак, според Bankwatch, досега има многу малку податоци за тоа колку земји аплицирале и колку средства добиле.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата