Од утрово има прекин на мрежата на „Телеком“ кој е предизвикан од оштетени кабли поради градежни активности. Од компанијата велат дека нивните тимови работат интензивно за решавање на проблемот и на корисниците им доделуваат 10 GB интернет.
„Почитувани корисници, прекинот на услугите предизвикан од оштетени главни магистрални оптички кабли на Телеком, настана поради градежни активности на трети страни. Санирањето на вакви големи штети подразбира повеќечасовна работа на терен. Нашите тимови интензивно работат и очекуваме за краток временски период сите услуги да станат целосно достапни. Како компанија која се грижи за задоволството на своите корисници, се извинуваме за сите непријатности и на сите наши приватни и деловни корисници им доделуваме 10 GB мобилен интернет до крајот на месец август, 2023 година“, велат од Телеком, чии мобилни линии и интернетот денеска беа во привремен прекин.
Неколку часа траеше падот на мрежата, а потоа полека се враќаше во нормала. Од Телеком објаснија дека рано утрото биле оштетени главните магистрални оптички кабли на повеќе локации во Кумановскиот и Струмичкиот регион преку кои поминува голем дел од мобилниот сообраќај. Тие нагласија и дека ќе поведат постапка пред надлежните органи против лицата кои беа причина за проблемот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата