Извршните директори на големите европски компании се помалку песимистички настроени во прогнозите за економијата на Стариот континент, но покажуваат поизразен оптимизам во планираните инвестиции во САД, се резултатите од анкета на здружението ERT објавена синоќа.
Бизнис лидерите веруваат дека има сè помалку причини за инвестирање во Европа и дека Европската Унија е премногу бавна во спроведувањето на потребните реформи, се вели во анкета спроведена на околу 60 извршни директори и претседатели на компании како што се ASML, BASF и Vodafone.
Околу 38 проценти од испитаниците изјавиле дека би инвестирале помалку во Европа отколку што планирале шест месеци претходно, односно дека ја ставиле одлуката за инвестирање на чекање.
Само осум проценти од нив имаат намера да ги зголемат своите инвестиции во Европа
Дури 45 проценти од испитаниците изјавуваат дека имаат намера да инвестираат повеќе во Соединетите Американски Држави.
Бизнис лидерите повикуваат на реформи што минатата година ги препорачаа поранешниот шеф на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, и Енрико Лета, двајцата поранешни италијански премиери, заклучувајќи дека ЕУ треба веднаш да преземе конкретни чекори за да биде поконкурентна и да биде во чекор со САД и Кина.
Поголемиот дел од испитаниците изјавија во анкетата дека не го забележуваат позитивното влијание на иницијативите на ЕУ кои треба да ги поедностават регулативите, да го комплетираат единствениот пазар, да обезбедат попристапна енергија и да ја прилагодат политиката за конкуренција на пазарот.
Анкетата беше објавена непосредно пред состанокот на министрите од 27-те земји-членки на ЕУ во понеделник, на кој треба да се разговара за конкуренцијата, поедноставувањето на регулативите и внатрешните пречки во рамките на единствениот пазар на ЕУ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата