Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, од една страна и претседателот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Блаж Бродњак и членот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Антонио Аргир, од друга, потпишаа договор за меѓусебна соработка којшто ѝ овозможува на Народната банка да започне со плаќања преку СЕПА.
Од 9 декември 2025 година, државата и државните институции ќе можат да плаќаат и да примаат средства во евра, согласно стандардите на СЕПА, побрзо, побезбедно и со пониски и фиксни надоместоци.
Наместо досегашните просечни трошоци од 14 евра за плаќање преку кореспондентните банки, плаќањата преку СЕПА ќе чинат 3 евра за електронските налози и 5 евра за хартиените налози, а сите приливи преку СЕПА ќе се наплатуваат 3 евра.
Имајќи предвид дека 80% од вкупните одливни плаќања и 90% од вкупните приливи на државата се во евра, пониските надоместоци директно ќе овозможат поголеми заштеди за државата и за државните органи.
Со овој значаен чекор Народната банка, покрај регулаторната и надзорната улога во платежната сфера, ја потврдува и својата оперативна улога во обезбедувањето подобри и поквалитетни услуги за државата и за државните органи во извршувањето на прекуграничните плаќања, истакна гувернерот Славески.
- Ни претставува чест што сме избрани за банка одговорна за обработка на плаќањата преку СЕПА за Народната банка на Република Македонија и упатуваме искрена благодарност за укажаната доверба. Ова достигнување претставува значаен чекор кон подлабока интеграција со платниот систем на Европската Унија и ја поддржува пошироката цел за интеграција во ЕУ. Оваа пресвртница се надоврзува на нашето неодамнешно воведување на услугата „Епл пеј“ (Apple Pay) за сите наши клиенти во ЈИЕ и успешното влегување на „НЛБ банка“ Скопјe во шемата на кредитниот трансфер преку СЕПА, дополнително зајакнувајќи ја посветеноста на Групацијата НЛБ за поттикнување на финансискиот развој и иновациите во Македонија – изјави Блаж Бродњак, претседател на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана.
По пристапувањето на нашата земја кон СЕПА, со што за граѓаните и за компаниите веќе се овозможени побрзи, побезбедни и поевтини плаќања во евра, Народната банка како банкар на државата им овозможува и на државните институции да ги користат придобивките од СЕПА.
На овој начин, ќе се овозможат значителни заштеди за државата и за државните институции при извршувањето на прекуграничните плаќања во евра со четириесетте земји членки на СЕПА.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата