Иако звучи шокантно, практиката на уништување на непродадената облека е вообичаена за речиси сите модни синџири и текстилната индустрија.
Стоката што не се продава првично се нуди со попуст, но попустот никогаш не смее да биде преголем за да не се обезвредни брендот.
Затоа, и покрај трудот и работата вложени во производството, единственото решение што индустријата го гледа е уништување, честопати на стока што никогаш не е дури ни распакувана.
„Старата“ стока зафаќа простор за нови колекции, а складирањето создава дополнителни трошоци, пишува Дојче Веле.
Зошто ЕУ интервенира?
Се поставува прашањето кој може да им одлучи на компаниите што да прават со стоката што ја поседуваат.
Сепак, Европската Унија најде основа за интервенција во заштитата на животната средина.
Според проценките на Европската комисија, помеѓу четири и девет проценти од непродадениот текстил се уништува во Европа секоја година. Оваа облека најчесто завршува во инсинератори, кои годишно предизвикуваат емисија на околу 5,6 милиони тони јаглерод диоксид.
Токму поради влијанието врз животната средина, ЕУ веќе воведе строги ограничувања за уништување на облека за големите модни компании во јули минатата година. Сега Европската комисија ја прошири таа одредба на средните текстилни синџири.
За да им даде доволно време да се прилагодат на новите регулативи, забраната ќе стапи на сила за нив во 2030 година.
Исклучоци и предизвикот на онлајн трговијата
Сепак, регулативите предвидуваат исклучоци, на пример за стока што е оштетена или ако постои сомневање дека е штетна за здравјето.
Ова е огромен проблем во онлајн трговијата, каде што враќањето е вообичаено.
Иако вратениот предмет не е значително различен од оној што е пробан на штандот во продавницата, трговците на мало не можат да знаат дали купувачот што го вратил можеби страдал од некоја заразна болест.
Поради оваа причина, голем дел од вратената стока се уништува како мерка на претпазливост. На пример, речиси 20 милиони вратени предмети се отстрануваат на овој начин секоја година само во германската онлајн трговија.
Најдоцна до 2030 година, дури и средните текстилни синџири ќе мора јавно да објавуваат податоци за количината на непродадена стока и што планираат да прават со неа.
Брисел се надева дека оваа мерка ќе ги принуди компаниите подобро да ги планираат испораките и да бидат пореални при нарачката на количините. Целта е да се охрабрат да бараат алтернативи на уништувањето, како што се продажба по значително пониски цени или донирање стоки во добротворни цели.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата