САД би можеле да потрошат до 700 милијарди долари доколку го спроведат планот на претседателот Доналд Трамп за купување на Гренланд, објави NBC, повикувајќи се на три извори запознаени со проценката на трошоците.
Проценката е направена од академици и поранешни американски функционери како подготовка за амбицијата на Трамп да го побара островот од 2,16 милиони квадратни километри како стратешка тампон-зона во Арктикот против главните американски ривали.
Гренланд, полуавтономна територија на Кралството Данска, не е на продажба. Функционери од Данска и Гренланд ги отфрлија тврдењата на Трамп дека САД „некако“ ќе го добијат Гренланд.
Сепак, висок функционер на Белата куќа изјави дека државниот секретар Марко Рубио добил инструкции да изготви предлог за купување на Гренланд во наредните недели, опишувајќи го планот како „висок приоритет“ за Трамп.
Во среда, Рубио и потпретседателот Џ.Д. Венс одржаа состанок со функционери од Данска и Гренланд кои отпатуваа во Вашингтон за да добијат појасна слика за намерите и предлозите на Трамп. Сепак, тие не успеаја да ги променат плановите на Трамп.
Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, по пристигнувањето во Вашингтон изјави:
- Гренланд не сака да биде во сопственост, управуван или дел од Соединетите Американски Држави. Ние го избираме Гренланд каков што го знаеме денес, како дел од Кралството Данска.
Министерката за бизнис и минерални ресурси на Гренланд, Наја Натаниелсен, изјави дека пораките од САД предизвикуваат толку голема загриженост кај жителите што имаат проблеми со спиењето:
- Ова навистина влијае на агендата и разговорите во домаќинствата. Луѓето ги чувствуваат последиците од тој притисок - рече Натаниелсен на прес-конференција во Лондон, додавајќи:
- Немаме намера да станеме Американци.
САД веќе можат да распоредат повеќе војници во Гренланд и да ги прошират своите воени и безбедносни капацитети таму, според постоечкиот договор меѓу двете влади, рече американскиот функционер.
- Зошто да напаѓате крава кога ви продава млеко по релативно добри цени? - рече функционерот.
Додека некои членови на администрацијата на Трамп сугерираа дека САД би можеле да употребат воена сила за да го преземат островот со 57.000 жители, други го гледаат купувањето или формирањето нов сојуз како пореален исход.
Една опција што се разгледува е договор за слободна асоцијација со Гренланд, кој би вклучувал финансиска помош од САД во замена за дозволување на безбедносно присуство на САД, наведува NBC News.
САД веќе имаат слични договори со Република Маршалските Острови, Федералните Држави Микронезија и Република Палау. Вклучувањето на Гренланд би можело да задоволи дел од пошироката визија на Трамп за американска хегемонија на Западната хемисфера, а воедно би било значително поевтино од проценетите 500-700 милијарди долари за купување на островите.
Историски потсетник: Во 1916 година, САД се согласија да ги купат карипските острови од Данска, а потоа признаа дека данската влада ги задржува политичките и економските интереси во Гренланд, според договорот од тоа време.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата