Буџетот на Град Скопје за 2026 година е усвоен со поддршка од повеќето советници, а според претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, станува збор за документ што означува почеток на реална преродба на главниот град.
– Ова е моментот кога ветувањата стануваат реалност. Буџетот за 2026 година е доказ дека кога има визија и ред, резултатите се неизбежни – порача Димитровски, нагласувајќи дека станува збор за директно исполнување на деветте темелни политики за развиено Скопје – најавени во кампањата.
Еден од клучните сегменти е т.н. „зелен буџет“, каде средствата за животната средина се речиси двојно зголемени. Градот, како што посочи Димитровски, го откочил проектот за поставување фотоволтаици во училиштата, а дополнително се инвестираат 210 милиони денари во јавно зеленило.
– Ова е нашиот конкретен одговор на загадувањето, не декларации, туку реални инвестиции – истакна тој.
Инфраструктурата останува во силен фокус, со вкупно 1,7 милијарди денари наменети за капитални инвестиции. Ќе се реконструираат клучни булевари и улици, при што безбедноста во сообраќајот е поставена како приоритет.
– Обезбедивме средства за сообраќајна сигнализација и проекти со кои ‘Визија Нула’ и програмата ‘Safe to school’ конечно ќе станат реалност на терен – нагласи Димитровски.
Посебно внимание се посветува и на јавните простори. Во 2026 година, 90 милиони денари ќе се инвестираат во детски катчиња, паркови, фитнес зони и пешачки патеки.
– Јавниот простор го враќаме на граѓаните. Скопје мора да биде град каде секој може да се движи слободно и безбедно – рече претседателот на Советот.
Образованието и младите се издвојуваат како темелен приоритет, со зголемување на буџетот за 7,5 проценти. Предвидена е изградба на ново училиште, нови спортски терени, ИТ-опрема, а за првпат и униформи за сите средношколци во прва година.
– Инвестицијата во младите е инвестиција во иднината и развојот на Скопје – порача Димитровски.
Културата добива двојно поголема поддршка, со цел да се зачува проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, додека паралелно се зајакнува и противпожарната заштита преку вработување на 30 нови пожарникари и набавка на современа опрема.
Според Димитровски, буџетот од 5,2 милијарди денари е буџет на одговорност и финансиска консолидација.
– Скопјани не бараат импровизации и спектакли, туку решенија што функционираат. Со јасен план, градот конечно застанува на нозе – заклучи тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата