logo
logo
logo

Вучиќ апелираше до Кина да влијае да се стави крај на насилството врз Србите на Косово

Vecer | 30.05.2023

Вучиќ апелираше до Кина да влијае да се стави крај на насилството врз Србите на Косово

Претседателот на Србија Александар Вучиќ на средбите со кинескиот и рускиот амбасадор, апелираше до Кина да влијае на меѓународната заедница со својот огромен меѓународен углед за да се постигне итен прекин на насилството врз Србите и да се обезбеди мир и безбедност на Косово, додека од Русија побара итно усвојување и спроведување на мерки кои ќе ја гарантираат безбедноста на Србите на Косово, јави допсиникот на МИА од Белград.

„Апелирав до моите пријатели од Кина да влијаат на меѓународната заедница со нивниот огромен меѓународен углед за да се постигне итен прекин на насилството врз Србите и да се обезбеди мир и безбедност на Косово“ напиша Вучиќ на Инстаграм профилот по средбата со кинеската амбасадорка во Србија, Чен Бо.

Како што соопштија од службата за медиумска соработка на српскиот претседател, Вучиќ изјавил дека „ваквото однесување на привремените институции во Приштина одржува постојани тензии во целиот регион и ја оцени како неприфатлива состојбата на постојан страв и загриженост во која живее српската заедница на Косово“.

Амбасадорката Чен рече дека за официјален Пекинг ситуацијата на Косово е многу загрижувачка.

-Забележавме дека Вие претседателе, и Владата на Република Србија направивте многу за смирување на тензиите. Кинеската страна ги поддржува напорите на Србија за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет и се спротивставува на едностраните дејствија на привремените институции во Приштина, кои ги повикува да ги исполнат своите обврски, рече кинеската амбасадорка.

Според соопштението, Чен Бо потсетила на изјавата на кинеското Министерство за надворешни работи, во која се повикува НАТО искрено да ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна и со амбасадорот на Русија, Александар Боцан-Харченко, при што рече „дека бара итно усвојување и спроведување на мерки кои ќе ја гарантираат безбедноста на Србите на Косово, што е предуслов за какви било понатамошни разговори со претставниците на привремените институции во Приштина“, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот.

Тој додаде дека ваквото однесување има за цел да ги подигне тензиите во целиот регион, поради што побара итно повлекување на специјалните единици на Курти и реакција од меѓународната заедница која ќе ја гарантира безбедноста на Србите на Косово.

Амбасадорот на Руската Федерација посочи дека официјална Москва ги следи сите настани и ќе ги пренесе сите информации што ќе му бидат презентирани денеска, нагласувајќи дека ја разбира сета деликатност на ситуацијата и дека го забележува зголемувањето на агресивноста на Приштина, што може да има сериозни последици.

-Москва има најсериозен пристап во следењето на развојот на ситуацијата и разбираме дека ваквиот развој може да предизвика сериозна криза, дури и експлозија во целиот регион, рече амбасадорот Боцан-Харченко. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk