logo
logo
logo

Вучиќ се сретна со Кошта и Фон дер Лајен: Иднината на Србија е во ЕУ

Vecer | 26.03.2025

Вучиќ се сретна со Кошта и Фон дер Лајен: Иднината на Србија е во ЕУ

Иднината на Србија е во ЕУ, порачаа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во објави на Икс по нивната синоќешна, како што оценија, „важна средба“ со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел.  

Кошта во својата објава наведе дека на работната вечера се разговарало за „потребата за унапредување на реформите поврзани со ЕУ“.  

- Потребен е напредок во слободата на медиумите, борбата против корупцијата и изборните реформи. На дофат се опипливи достигнувања во области кои можат директно да му користат на српскиот народ. Иднината на Србија е во ЕУ, истакна Кошта. 

Потребата од спроведување реформи во Србија во својата објава ја потенцира и Фон дер Лајен. 

- Земјата треба да ги спроведе реформите поврзани со ЕУ, особено да преземе решителни чекори кон слободата на медиумите, борбата против корупцијата и изборните реформи. Иднината на Србија е во ЕУ, наведе Фон дер Лајен. 

Вучиќ од својата страна синоќа изјави дека е „многу задоволен“ од средбата со Кошта и Фон дер Лајен, истакнувајќи дека таа „значела многу за иднината на Србија“. 

- Разговорот беше срдечен... Клучна тема беше европската иднина на Србија. Реков дека Србија ќе биде апсолутно посветена на таа цел и повеќе отколку што беше досега, но реков и дека наскоро ќе имаме одлука за формирање нова влада или одлука за нови избори, изјави Вучиќ. 

Според него, со европските претставници разговарал и за политичката ситуација во регионот, за неопходноста од зачувување на стабилноста и мирот, за економската ситуација, но и за „работите што Србија мора да ги направи во областа на владеењето на правото за да може да се избори за отворање на преостанатите кластери во пристапните преговори“. 

На средбата, исто така, се разговарано и за прашања поврзани со економијата и инвестициите, интересот на ЕУ за минералните ресурси и заеднички проекти со Србија, како и за одбранбената индустрија. 

Вучиќ по средбата изјави и дека ги известил Кошта и Фон дер Лајен оти на протестот во Белград на 15 март не бил употребен звучен топ и дека српските власти се подготвени Брисел да го провери тоа, затоа што Србија „нема што да крие“ и е целосно подготвена тоа да се провери „на секој начин“. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk