Во Јагодина вечерва се одржа митинг по повод основањето на Движењето за народот и државата, на кој српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е трогнат од бројот на луѓе кои се собрале да ја изразат својата желба да ја заштитат и зачуваат Србија, пренесува Анадолија. Ова е собирот на Вучиќ кој го одржува за да се спротивстави на протестите и штрајкот предводени од студентите.
Насобраните извикуваа пароли „Ацо, Србине“ и „Не се откажуваме од Србија“, а Вучиќ им се заблагодари на сите што пристигнаа во Јагодина.
„За малку ќе заплачев кога видов толку многу луѓе кои сакаат да ја бранат Србија. Нашиот народ знае, Србија знае како е нападната денес и од надвор и од внатре. Народот знае кога е време да ги поддржи оние кои се бореле за Србија. Тие го притискаат нашиот народ во Косово, се обидуваат да ги протераат Србите“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека, според него, оние кои ја ограбиле Србија сега сакаат да ги користат децата за да ја вратат власта.
„Прекрасно е да се биде претседател на Србија. Нема ништо поубаво на светот“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека на основците и средношколците место им е во училиштата. Тој ги повика студентите на дијалог, барајќи од нив јасно да кажат што не е исполнето за да се остварат нивните барања.
„Ве молиме дојдете и кажете ни кое од четирите барања што ги поставивте не е исполнето“, рече тој.
Вучиќ во своето обраќање истакна дека додека е претседател на Србија нема да воведува санкции кон Русија или други пријателски земји. Тој нагласи дека го разбира незадоволството поради објективни проблеми, но вети поддршка за нивно решавање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата