logo
logo
logo

Во северно Косово убиен припадник на косовската полиција, Курти го обвини Белград за инцидентот

Vecer | 24.09.2023

Во северно Косово убиен припадник на косовската полиција, Курти го обвини Белград за инцидентот

Косовскиот премиер Албин Курти преку објава на Фејсбук информира дека околу 3 часот по полноќ била нападната косовската полиција во Бањска, а како последица на нападот полицискиот наредник А.Б. е убиен, доддека ранет е уште еден граничен полицаец. 

Курти вели дека истрелите од огнено оружје продолжуваат и натаму утрово.

- Денеска околу три часот по полноќ во селото Бањско во Лепосавиќ е нападната косовската полиција, при што еден косовски полицаец е убиен, а друг е повреден. Убиениот е полицаец со чин наредник, додека повредениот е припадник на граничната полиција. Во овој момент продолжува пукањето од огнено оружје од различен калибар кон нашата полиција. Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје, напиша Курти.

Тој го обвини официјален Белград дека е одговорен за нападот кој, според него, е насочен против косовската држава.

- Го осудуваме овој криминален и терористички напад. Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград ја напаѓа нашата држава. Во оваа битка го штитиме и спроведуваме законот, ги штитиме и чуваме сите граѓани без разлика и независно Косово. Извршителите и нивните наредбодавачи нема да успеат, ќе бидат фатени, судени и казнети. Владата на Република Косово и државните институции се подготвени и координирани да одговорат на криминалот и криминалците, теророт и терористите. Косовската полиција го извести семејството на убиениот полицаец А.Б. Повредениот полицаец е надвор од животна опасност. Сочувство до семејството и сите за нашиот убиен полицаец. Брзо и целосно закрепнување на повредениот полицаец, напиша Курти. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2023 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2023. Vecer.mk