logo
logo
logo

Вечерва гласање во грчкиот Парламент за недоверба на Владата – закажани низа протести

Vecer | 07.03.2025

Вечерва гласање во грчкиот Парламент за недоверба на Владата – закажани низа протести

 Пратениците во грчкиот Парламент, вечерва ќе одлучуваат по барањето на четирите опозициски партии за гласање недоверба на Владата поради железничката несреќа кај Темпи, додека низ цела Грција закажани се нови протест, јави дописничката на МИА од Атина.

Гласањето е на крајот од тридневната расправа што започна во средата, а засега, не се очекува предлогот да биде изгласан, со оглед на тоа што пратеничката група на владејачката Нова демократија има мнозинство од 156 пратеници, од вкупно 300 во Парламентот.

Иницијативата е на ПАСОК, со поддршка од СИРИЗА, Нова левица и Курс на слобода, а барањето што е потпишано од 85 пратеници, се фокусира на железничката несреќа кај Темпи и безбедноста на транспортот, но се осврнува и на владеењето на правото, скандалот со прислушувањата и поскапувањата на цените.

На гласањето, што се очекува да биде околу 21 часот, ќе му претходат говори на лидерите на сите политички партии, како и на грчкиот премиер.

Паралелно со расправата, закажани се и низа протести.

Точно напладне, учениците и студентите ќе одржат протести во Атина и во други грчки градови, а демонстрации ќе има и вечерва, во исто време со гласањето.

Во 19 часот пред Парламентот во центарот на Атина, разни организации, здруженија, работнички центри, синдикати, студентски здруженија и сл ќе одржат нов протест, паралелно со расправата на пратениците и гласањето по предлогот за недоверба на Владата.

Протест имаше и во средата, на првиот ден од расправата во Парламентот, а по завршувањето на официјалниот дел се случија сериозни инциденти меѓу групи маскирани лица и полицијата.

Граѓаните, преку протестите имаат цел уште еднаш да испратат порака дека бараат правда за железничката несреќа и виновниците да бидат казнети.

Железничката несреќа кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година во директен судир на патнички и товарен воз, при што загинаа 57 лица. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk