Според предлог-законот, изработен од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и турското Министерство за здравство, продажбата на сите тутунски производи ќе биде забранета од 1 јануари 2040 година.
Предлогот, кој се очекува наскоро да биде доставен до Парламентот, предвидува и преодни мерки пред овој датум. Се предлага целосна забрана за пушење на отворени простори во рестораните и кафулињата, како и задолжително формирање одделни зони за пушачи во кои ќе биде забранета продажбата на храна и пијалаци. Дополнително, купувањето тутунски производи ќе може да се врши исклучиво со банкарски картички, со цел зајакнување на контролата и подобра можност за следење.
Регулативата предвидува по 2040 година физичките и правните лица вклучени во увоз, производство, транспорт или продажба на тутунски производи да се соочат со судски казни од еден до пет милиони турски лири (22.000 – 112.000 долари), при што санкциите ќе се усогласуваат со стапката на инфлација.
Според податоците на Турскиот статистички институт (ТУРКСТАТ), во 2022 година 28,3 проценти од населението постаро од 15 години, односно околу 19 милиони луѓе, изјавиле дека секојдневно користат тутунски производи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата