logo
logo
logo

Три последователни земјотреси во близина на Санторини меѓу 4 и 4,9 степени

Vecer | 10.02.2025

Три последователни земјотреси во близина на Санторини меѓу 4 и 4,9 степени

 Во период од 20 минути во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос денеска беа регистрирани три последователни земјотреси со јачина од 4, 4.3 и 4.9 степени според Рихтер, паралелно со серијата помали земјотреси од околу 3 степени, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјотреси над 4 степени беа регистрирани и синоќа, како што претходно објави МИА, од кои најсилниот беше 5 степени.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите посочи дека поради сеизмичката активност меѓу двата островa, цивилната заштита и понатаму е во состојба на готовност.

Тој истакна дека Владата презема превентивни мерки и ги следи препораките од експертите.

Професорот по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун Костас Папазахос за грчката телевизија ЕРТ утрово објасни дека земјотресите во близина на Санторини може да траат со недели, па дури и месеци и не е нешто што ќе се промени преку ноќ.

Училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи поради земјотресите ќе бидат затворени и оваа седмица, со одлука на Комисијата за проценка на сеизмичката опасност и на Комисијата за следење вулкански активности при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk