Финер разговараше со Курти во четвртокот и го повика Косово да им дозволи на новоизбраните градоначалници да извршуваат функции од алтернативни локации и да ги повлече полициските сили од општинските згради, соопшти Белата куќа. Тој ја поздрави и подготвеноста на Курти да работи на создавање услови за нови избори.
Помошникот на Бајден вчера разговарал со Вучиќ и побарал од Србија да ги повлече своите вооружени сили стационирани во близина на границата и да го намали нивото на будност, како и да ги повика демонстрантите да останат смирени, се вели во соопштението од Белата куќа.
Во двата разговори, како што информираат од Белата куќа, Финер ја изразил својата загриженост за настаните на северот на Косово и апелирал ситуацијата да се смири. Вашингтон, исто така, очекува двете страни повторно да се вклучат во дијалогот со Европската унија и целосно да го спроведат договорот за нормализација постигнат претходно оваа година.
Немирите се интензивираа на северот на Косово по изборите во април, кои беа бојкотирани од етничките Срби, а победата во четири општини со мнозинско српско население на север ја извојуваа кандидатите на етничките Албанци. Етничките Албанци сочинуваат 90 отсто од населението на Косово.
Во судирите меѓу српските демонстранти и КФОР во понеделникот беа повредени 30 припадници на КФОР и 52 Срби. Поради насилството, НАТО најави испраќање дополнителни војници на Косово.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата