logo
logo
logo

Репортажа на „Катимерини“ за граничниот премин Маркова нога-Лемос

Vecer | 20.01.2025

Репортажа на „Катимерини“ за граничниот премин Маркова нога-Лемос

За растојание од пет километри возат околу два часа. Ова е реалноста што ја живеат жителите на општина Преспа, кои и покрај тоа што живеат веднаш до Македонија, за да ја посетат соседната земја треба да преминат преку граничниот премин Ники и да поминат над 130 километри. Причината е што граничниот премин кој се наоѓа на крајот на нивната општина и натаму останува затворен, пишува грчкиот весник „Катимерини“ во текстот посветен на граничниот премин Маркова нога-Лемос, јави дописничката на МИА од Атина.

Во репортажата под наслов „Преспа: Стигнуваат до нашиот двор и не можат да влезат“, весникот ја истакнува важноста на граничниот премин што според проценките треба да почне со работа во 2027 година, коментира дека „седум години по потпишувањето на Договорот од Преспа, преминот сè уште не е ни почнат да се гради, а пренесува и изјави на градоначалниците на општина Преспа и општина Ресен.

- Одобрена е програмата Интерег, преку која се обезбедени средства и завршени се студиите. Буџетот за грчката страна е пет милиони евра, вели градоначалникот на Преспа Јоргос Стергиу и додава дека процените се дека проектот ќе биде испорачан во 2027 година.

Дополнително објаснува дека со пуштањето во употреба на граничниот премин ќе оживее туризмот во регионот, а главната причина, според Стергиу е директниот пристап што ќе постои до меѓународниот аеродром Охрид, кој е на само 35 километри од општина Преспа.

- Ќе биде порта. Стигнуваат до нашиот двор и не можат да влезат, нагласи Стергиу, посочувајќи дека Преспанското Езеро е познато во светот по својот биодиверзитет.

Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски за „Катимерини“ вели дека „од сè срце го очекуваат отворањето на преминот“, но и дека „амбициите се големи“, објаснувајќи дека жителите на Ресен очекуваат зголемување на туристите во околината, но и дека ќе се зголеми раздвиженоста на оние кои ќе поминуваат од Ресен за да стигнат до најблиските грчки плажи преку новиот граничен премин.

Посочува дека паралелно ќе се олеснат контактите меѓу жителите од регионот, кои веќе заеднички учествуваат во различни европски програми, од кои многу се однесуваат на животната средина и заштитата на Преспанското Езеро, како што се броењето на пеликаните и други птици и риби.

„Катимерини“ пишува дека според општина Преспа, проектот, покрај граничната инфраструктура, опфаќа и создавање на прекугранична пешачка рута што ќе ги поврзе селата Агиос Германос во Грција и Брајчино во Македонија, користејќи го новиот граничен премин.

- Во моментот кога Бугарија и Романија влегуваат во Шенген, а движењето на луѓе и стоки станува сè полесно во Европа, граничниот премин Леимос што ги поврзува Грција и Македонија останува затворен. Граничниот премин кој функционираше со децении, олеснувајќи ја комуникацијата меѓу жителите кои минуваа оттаму дури и секојдневно за да одат во соседното село, каде можеби имаа ниви или дел од нивното семејство, беше затворен во мај 1967 година за време на хунтата, пишува весникот.

За отворањето на граничниот премин, градоначалникот на Преспа Јоргос Стергиу пред девет месеци за МИА објасни дека повторното отворање на граничниот премин е тема за која интензивно се дискутира со години, уште пред потпишувањето на Договорот од Преспа, а доцнењето, според него е од практични причини, во однос на проектите што треба да се реализираат за да може да функционира преминот.

- Кога ќе биде отворен граничниот премин ќе се промени динамиката и ќе произлезат нови можности. Ќе се создаде нова туристичка рута и во наши раце е да ја искористиме, за доброто на сите. Во однос на симболиката, очигледно е дека со отворањето на граничниот премин општина Преспа, но и општина Ресен нема повеќе да бидат на работ на државите, туку на граничен премин, а областа Преспа ќе стане центар за комуникација, истакна тогаш Стергиу за МИА.

Во март 2019 година, тогашниот министер за надворешни работи на Македонија Никола Димитров и тогашната алтернативна шефица на грчката дипломатија Сиа Анагностопулу го потпишаа договорот за отворање на граничен премин во Преспанскиот регион Маркова нога – Лемос, кусо подоцна договорот беше ратификуван и од грчкиот Парламент. /МИА.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk