Министерството за надворешни работи на Франција соопшти дека го назначи Рене Троказ за специјален пратеник за Западен Балкан.
„Ова назначување е поврзано со зајакнувањето на активностите на Франција во овој регион, во контекст на нејзиниот пристап кон Европската унија, кој го поддржуваме“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на француското Министерство, пренесува Танјуг.
Според соопштението, специјалниот пратеник ќе се занимава со главните прашања од регионалната политика, во координација со неговите европски и американски колеги.
„Тој, исто така, ќе ги следи иницијативите за регионална соработка, особено Берлинскиот процес, и ќе може да ја претставува Франција на протоколарни настани и форуми на високо ниво“, се додава во соопштението.
Троказ веста за назначувањето ја објави на своите профили на социјалните мрежи.
As of today I am appointed special envoy for the Balkans (🇫🇷 Ministry of Foreign Affairs). Nommé envoyé spécial pour les Balkans at @francediplo / @francediplo_EN @francediplo_RU pic.twitter.com/EQjsqLyjLD
— rené troccaz (@troccazrene) September 28, 2023
Така, на неговиот профил на Линкедин беше објавено дека, меѓу другото, бил генерален конзул на Франција во Ерусалим и амбасадор на таа земја на Кипар.
Според информациите, Троказ служел и во амбасадите на Франција во Мароко и Грција, а бил и советник во кабинетот на поранешниот министер за надворешни работи Бернар Кушнер, инаку поранешен шеф на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК) од јули 1999 година до почетокот на 2001 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата