Истражувачките новинарски организации OCCRP и КРИК дојдоа до аудиоснимка од разговор помеѓу Стен Милер, главниот директор на United Group, и Владимир Лучиќ, првиот човек на Телеком Србија и блискиот соработник на претседателот Александар Вучиќ.
Во самиот почеток на разговорот, Милер го коментира немирот во Србија со зборовите: „Србија експлодира под нашите нозе.“
Суштината на разговорот е инсистирањето од страна на претседателот на Србија, според Лучиќ, да се разреши Александра Суботиќ – една од главните фигури во United Media, медиумската компанија што ги опфаќа N1, Nova S, Danas и Radar.
Милер му појаснува на Лучиќ дека смената на Суботиќ не може да биде веднаш, туку дека најпрво мора да ја ослаби компанијата: „Морам да направам таа компанија да биде многу мала во Србија“, се слуша во снимката.
„Го разбирам притисокот од претседателот, како и неговото незадоволство, но морам да најдам брз и ефикасен начин,“ вели Милер и појаснува дека му е потребно време за да ја реализира таа намера.
Додава дека при превземањето на United Group пред неколку месеци, како еден од главните проблеми му била токму Александра Суботиќ и критички настроените медиуми што таа ги води, пред сè телевизијата N1, која според разговорот најмногу му пречи на претседателот Вучиќ.
„Кога ќе ветам нешто, го исполнувам. Јас сум човек од збор,“ уверува Милер, но нагласува дека не може веднаш да ја разреши Суботиќ.
„Премногу работи се случуваат на многу фронтови во исто време. Не можам да ја отпуштам Александра денес, разбираме? Најпрво морам да ја одвојам таа компанија, и тоа бара време. Тоа беше нашиот договор,“ образложува Милер.
Лучиќ му кажува дека претседателот веќе разговарал за смената со Никос Статопулос, претседателот на BC Partners, кој е сопственик на United Group.
„Значи, претседателот бара Никос итно да ја менува само Александра Суботиќ, не директорите на N1 или Nova S, бидејќи без реорганизација тоа моментално не е можно“, додава Лучиќ.
Милер понатаму истакнува: „Никос ми е пријател, го знам одамна, но на крајот јас ја водам компанијата. Ќе ги завршам работите што е можно поскоро, Владо.“
Во разговорот Милер го уверува Лучиќ во својата лојалност: „Знаеш, кога се ракувавме, станавме пријатели. Не мораш со некого сто години да бидеш за пријателство. Ти верувам целосно.“
Покрај прашањето за смена на Суботиќ, дел од разговорот бил и за продажба на порталот за интернет купување Shoppster, кој е во сопственост на United Group, а за кој Телеком Србија има интерес.
„Имам и уште една молба: околу аквизицијата на Shoppster и другите работи за кои зборувавме, дали можеш да ги одложиш за една недела? Многу сум зафатен,“ го прашува Милер.
Лучиќ одговорил дека тимот е подготвен, а Милер вети дека ќе дојде во Србија, ќе го затворат договорот, и потоа ќе одат на заеднички ручек.
Извор: N1
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата