Барањата не се исполнети – ова е одговорот на српските студенти по оставката на премиерот Милош Вучевиќ. За денеска најавени се нови протести и блокади, а оставките на премиерот и градоначалникот на Нови Сад според нив, немаат никаква врска со нивната цел. За денеска предвиден е собир пред српската инженерска комора за која велат дека е од суштинско значење за нивните барања, а за утре пак, најавена е 90 километарска „прошетка“ кон Нови Сад, со порака „На чекор од правдата“.
-Народот и понатаму е огорчен и генерално оставките беа само еден дел од барањата. / Тие оставки треба да се продолжат и понатаму, има многу, многу луѓе кои треба да дадат оставки и за сето тоа да одговараат. / Доцна е (за оставки), премногу доцна. Нема што да се разговара, предоцна е, готово помина возот. / Значи не е важна веста дека тие дале оставки / Кривична одговорност за секој од нив, тоа го бараме.
Вучевиќ кој вчера поднесе неотповиклива оставка, порача дека тоа го прави со цел да се смири смират страстите и да се врати дијалогот во општеството. Со него, во оставка е и целата влада, а српскиот претседател Вучиќ во ново вонредно обраќање истакна дека на маса се две опции, избори или состав на нова влада, дилема која рече дека ќе се реши во следните 10 дена, но категорично отфрли можност за формирање на преодна влада.
-Преодна влада одма да ви кажам дека нема да има, бидејќи тоа не зависи од било каков притисок, од било што. Да подарувам власт, ниту на пленумите, ниту на опозициските партии не ми доаѓа ни на памет, а тоа зависи само од мене. - Александар Вучиќ – Претседател на Србија
За поранешната премиерка и актуелна спикерка на српскиот парламент Ана Брнабиќ избори се единствено решение иако како што и самата вели, прашање е колку тие би ја разрешиле ситуацијата. За опозицијата пак, нема избори без преодна влада.
-Јас мислам дека би било демократски да имаме избори, затоа што очигледно тие (опозицијата) немаат легитимитет. Од друга страна, во овој момент е прашање дали изборите нешто би решиле. - Ана Брнабиќ – Претседателка на собранието на Србија
-Нема слободни и демократски избори без преодна влада. Тие покажаа дека не се во состојба да обезбедат функционирање на институциите и затоа е неопходно да се воспостави преодна влада.- Милош Јовановиќ – Коалиција „Надеж“ и Мирослав Алексиќ – Народно движење за Србија
Ситуацијата се следи и во Брисел. Од ЕУ велат дека со внимание ја следат внатрешно-политичката ситуација во Србија. Од таму додаваат дека се загрижени за инцидентите и повикуваат на дијалог, но во исто време потсетуваат и на правото на слободен протест.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата