Поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ станал дел од истрага на Јавното обвинителство за организиран криминал, во рамки на која, според неофицијални информации, биле приведени 14 лица, меѓу кои и поранешниот министер Томислав Момировиќ. За Весиќ, според дознавањата, е распишана потерница.
Покрај Весиќ, приведени се и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешниот директор на „Инфраструктура железници“, Небојша Шурлан.
Весиќ хоспитализиран
Горан Весиќ, кој бил министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, вчера итно бил примен во хируршка болница поради силни стомачни болки, зголемена температура и повраќање. Како што наведуваат извори, тој бил опериран во раните утрински часови, откако му се влошила здравствената состојба по извршените прегледи и опсервации.
Јавното обвинителство за организиран криминал, во соработка со полицијата, спроведува акција на приведување поврзана со падот на надстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Покрај Весиќ, меѓу притворените во оваа акција, која опфати вкупно 14 лица, се и поранешниот министер Томислав Момировиќ.
Која е Анита Димоски?
Анита Димоски била помошничка на тогашниот министер Горан Весиќ, а исто така и на неговиот претходник и сегашен приведен, Томислав Момировиќ. Главните обврски ѝ биле поврзани со железничкиот и интермодалниот транспорт.
Димоски беше приведена и на 21 ноември по налог на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, исто така поради рушење на надстрешницата. За овој случај осомничена е за тешко дело против општата безбедност и за предизвикување општа опасност според Кривичниот законик.
Таа беше во домашен притвор, а во декември лани, Вишиот суд во Нови Сад го одби предлогот за притвор во затворска установа.
Кој е Небојша Шурлан?
Небојша Шурлан, поранешен директор на „Инфраструктура железници“, ја наложил реконструкцијата и надградбата на Железничката станица во Нови Сад. Тој е бил на чело на претпријатието до март 2024 година кога поднел оставка.
Пред неколку месеци, Шурлан беше во центарот на вниманието кога беше објавен аудио-снимок на разговор меѓу него и министерот за финансии, Синиша Мали, а во врска со финансирањето на врвниот спорт и ФК Црвена звезда од страна на државата.
Овој телефонски разговор, што датира од крајот на март 2019, потврдува постоење на врски меѓу високи државни функционери и навивачки групи. Разговорот бил снимен непосредно пред почетокот на работите на реконструкција на стадионот на Црвена звезда.
Како делува обвинителството?
Јавното обвинителство за организиран криминал спроведува финансиска истрага поврзана со проектот за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад.
Во овој момент, јавноста сѐ уште не доби официјални информации за текот на истрагата и досега нема нови приведувања.
Извор: Nova.rs
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата