logo
logo
logo

Почна пописот во Албанија – апел до Македонците да се изјаснат како што се чувствуваат

Vecer | 18.09.2023

Почна пописот во Албанија – апел до Македонците да се изјаснат како што се чувствуваат

 Од денеска па во наредните шест недели ќе се попишуваат сите етнички заедници кои живеат кај нашиот западен сосед, меѓу нив и Македонците. Пописот тие го дочекуваат во услови на засилена бугарска пропаганда и обиди за нивна бугаризација, за која пред почетокот на статистичката операција предупредуваа организациите и политичките партии на Македонците во Албанија. Во пресрет на почетокот на пописот тие повторно ги повикаа Македонците слободно да се изјаснат за својата етничка и верска припадност.

-Сакаме да нагласиме дека изјаснувањето на вашиот македонски идентитет на пописот не е само законско право, туку моќен израз на вашето културно наследство. Испраќа јасна порака до општеството во целина дека македонската заедница во Албанија е енергична, горда и заслужува почит и признание што доаѓа со неа.- Македонска алијанса за европска интеграција

Според последниот попис направен во Албанија во 2011 година, во земјата има 5.512 Македонци, најголемиот дел од нив живеат во округот на Корча, Кукс и Тирана. Македонците беа застапени и во парламентот, а општината Пустец има и македонски градоначалник. На сите претходни пописи во Албанија, до сега се нема изјаснето ниту еден етнички Бугарин. Сепак, годинава за прв пат ќе има таква графа, која е резултат на албанското признавање на бугарско малцинство во 2017 година. Во пресрет на пописот, во Албанија беше и бугарската потпретседателка Јотова, која  индиректно призна дека во земјата била да лобира за создавање на бугарско малцинство.

-Да, имаме такви сигнали, да ги кажуваат самите луѓе таму дека минатиот месец особено има луѓе кои им велат вие сте Македонци, вие не сте Бугари, следува попис, вие треба да се запишете како такви итн. Ги слушнавме сигналите, ги земавме како информација и на сите официјални средби со претседателот на Албанија, со претседателката на нивното Собрание, со вицепремиерот, со нивниот минситер за надворешни работи јас ги пренесов тие сигнали, од тука па натаму имам доверба и сметам на албанските власти дека ќе преземат мерки. - Илијана Јотова – Потпретседателка на Бугарија

Ова е 12-тиот по ред попис од независноста на Албанија во 1912 година. Пописниот формурал според информациите содржи 100 прашања од кои само три се за јазик, за етничка и верска припадност. Првите резултати од пописот се очекува да бидат објавени во јуни идната година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk