Канадскиот актер Грејем Грин, познат по својата улога во филмот „Танц со волци“, почина на 73-годишна возраст. Ова го потврди неговиот менаџер, кој изјави дека актерот заминал мирно, од природни причини.
„Со голема тага ја споделуваме веста за мирната смрт на прочуениот и наградуван канадски актер Грејем Грин“, се вели во соопштението на менаџерот Џери Џордан за CBC News.
Грин беше номиниран за Оскар за најдобра споредна машка улога во 1990 година, за ликот Кикинг Брд во епскиот вестерн на Кевин Костнер „Танц со волци“.
Потекнуваше од племето Онејда, дел од резерватот на Шесте нации во јужен Онтарио. Претходно работел како технички цртач, технолог во градежништвото, металург и член на технички тимови на рок-бендови, пред да зачекори на театарската сцена во Обединетото Кралство во седумдесетите години.
Во едно интервју од 2012 година за канадскиот магазин Playback, Грин изјавил дека театарот му дал цврста основа за глума: „Театарот ви помага да го формирате ликот. Кога ќе преминете на филм, тоа често недостасува. Дисциплината што ја нуди театарот ја препорачувам на сите актери.“
Тој дополнил дека најзначаен момент во неговиот живот бил бракот со сопругата Хилари Блекмор, кој му донел „најубави години“.
Пробивот на Големиот екран го доживеа токму со улогата на Кикинг Брд, шаманот на народот Лакота во „Танц со волци“, улога што му донесе голем број пофалби од критиката.
Грин настапи и во вестерн-трилерот „Thunderheart“ (1992), играјќи го племенскиот полицаец Волтер Кроу Хорс, како и во фантастичната драма „Зелена милја“ (1999), каде беше во улога на Арлен Битербак, Индијанец осуден на смрт.
Го гледавме и во филмовите „Умри машки 3“ (1995), „Маверик“ (1994), „Самрак сага: Нов месец“ (2009) и „Ветровита река“ (2017).
Во текот на богатата кариера доби многу признанија, вклучувајќи ја и наградата Earle Grey за животно дело од Академијата за филм и телевизија на Канада во 2004 година.
Во 2016 година беше примен во Редот на Канада, што е второ највисоко цивилно признание во државата.
Извор: Nova.rs
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата