logo
logo
logo

„Немам кислород“ – низа протести во Грција за железничката несреќа кај Темпи по новите докази

Vecer | 26.01.2025

„Немам кислород“ – низа протести во Грција за железничката несреќа кај Темпи по новите докази

 „Немам кислород“ е слоганот под кој денеска, точно напладне во речиси сите помали и поголеми градови во цела Грција, но и во градови во странство ќе се одржат протести поради железничката несреќа кај Темпи на крајот на февруари 2023 година, откако во јавноста излегоа нови информации од истрагата на техничкиот советник, ангажиран од семејствата на загинатите, јави дописничката на МИА од Атина.

Во железничката несреќа животот го загубија 57 лица, а според извештајот на експертот Василис Кокоцакис, дел од загинатите, околу 30 лица го преживеале сударот на патничкиот со товарниот воз, но загинале од запаливите течности, по експлозијата што резултирала со недостаток на кислород.

Паралелно беше објавен аудиозапис од телефонски повик на бројот 112 за итни случаи во кои се слушаат повиците за помош, меѓу кои и женски глас што вели „Немам кислород“, што беше и причина протестите да бидат под конкретниот слоган со цел семејствата на загинатите да побараат правда и „независно судство за сите“.

Аудиоснимките се од последните моменти на патниците од возот и според експертите, докажуваат дека дел од жртвите не загинале во сударот, туку од експлозијата што следела.

Во објавениот телефонски повик до 112, што е автоматски воспоставен откако мобилниот телефон препознал несреќа, се слуша женски глас што бара помош, вели „Не можам да дишам“, „Имам многу малку воздух“, а на крајот завршува со зборовите „Ќе умреме … Марти, те сакам“, што според медиумите во Грција, се упатени до нејзината 20-годишна пријателка што не ја преживеа несреќата.

Мајката на загинатата Марти, Мариа Каристиану, која е претседателка на Здружението на роднините на жртвите „Темпи 2023“ говорејќи за грчките медиуми посочи дека објавувањето на аудиозаписите „е начин да се изврши притисок врз истражителот да си ја заврши работата бидејќи ги знае овие работи“.

- Кога дознав дека моето дете умре, првото нешто што ми беше важно беше дали почувствува нешто или сè се случи пребрзо. Ова е важно мајката да го знае. Сите ни кажаа дека веднаш загина, а потоа дознавме дека 30 луѓе изгореле живи. Три минути нашите деца чекаа да умрат. Правдата ќе биде задоволена за овој криминал, на еден или на друг начин, посочи Каристиану за грчката телевизија „Мега“.

Протестот е организиран од Здружението на роднините на жртвите во несреќата „Темпи 2023“, а поддршка изразија од опозициските партии ПАСОК, СИРИЗА, Комунистичката партија и Нова левица, од синдикатот на вработени во јавниот сектор, од низа здруженија, како и од навивачки и анархистички групи.

Здружението на роднините на жртвите преку протестот бара веднаш да се спроведе истрага „за експлозијата на нелегалниот хемиски товар“ во товарниот вагон и „за пожарот во кој живи изгореа нашите најблиски“, како и кандидатот за претседател и до неодамна собраниски спикер Константинос Тасулас „да даде објаснувања пред неговата инаугурација на највисоката функција за закопувањето на предметите за Темпи во фиоките на Парламентот“.

Железничката несреќа се случи кусо пред полноќ на 28 февруари 2023 година во близина на месноста Темпи во централна Грција при директен судир на товарен и патнички воз кои се движеле на иста шина, а животот го загубија 57 лица, од кои поголемиот дел студенти. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk