На претстојните вонредни парламентарни, покраински, локални (65 градови и општини) и избори за градот Белград право на глас ќе имаат 6.500.165 гласачи. Граѓаните на Србија кои живеат во странство ќе имаат можност да гласаат во 35 земји на 81 избирачко место, меѓу кои и во Македонија. На парламентарните избори според РИК учествуваат 18 листи, на покраинските избори 13, а на Белградските 14 изборни листи, јави дописникот на МИА од Белград.
За учество на парламентарните избори на 17 декември, има 18 листи со вкупно 2.817 предложени кандидати за 250 пратенички мандати.
РИК ги објави следните листи за учество на парламентарните избори:
1. „Александар Вучиќ-Србија не смее да застане“, 2. „Ивица Дачиќ-премеир на Србија“, 3. Д-р Воислав Шешељ Српска радикална странка, 4. Милица Ѓурѓевиќ Стаменковска- Бошко Обрадовиќ „Национално собирање-Државотворна сила“, 5. Милош Јовановиќ „Надеж за Србија“-Српска коалиција Надеж-Нов ДСС-ПОКС-Воислав Михајловиќ, 6. Сојузот на Унгарците од Војводина-За нашиот претседател, 7. „Србија против насилството“ -Мирослав Алексиќ-Мариника Тепиќ (Партијата за слобода и правда-ССП, Народното движење на Србија, Зелено-левиот фронт/Не го давиме Белград, Еколошкото востание-Чута, Демократската партија (ДС), Движењето на слободни граѓани (ПСГ), партијата Заедно, Движењето за пресврт, синдикатото Слога, Новото лице на Србија).
Од другите изборни листи, Социјалдемократската странка (СДС) на поранешниот претседател Борис Тадиќ не успеа да влезе во коалиција со проевропските партии и оди со посебна изборна листа „Добро утро Србијо“, заедно со Саша Радуловиќ од Доста беше (ДЈБ). На изборите самостојно ќе излезе и Либерално демократската партија (ЛДП) на Чедомир Јовановиќ, со листа „Мораме поинаку“, како и СДА Санџак на Сулејман Угљанин.
Малцинска изборна колација со своја листа поднесоа партијата на Усама Зукорлиќ-Странката на Бошњаците од Санџак и Томислав Жигманов од Демократскиот сојуз на Хрватите.
Одделни изборни листи поднесоа и двете албанските партии во Србија-Албанската демократска алтернатива и партијата на Шаип Камбери, како и претставниците на Руската партија, Д-р Бранимир Несторовиќ, Србија на Запад и Заедно за иднината и развојот.
Изборите ќе се одржат на 17 декември. Република Србија, според постојниот изборен закон, претставува една изборна единица. Пратеничките мандати се распределуваат пропорционално според бројот на освоени гласови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата