logo
logo
logo

Милков: Софија со нота ќе бара безбедност за Бугарите кои ќе отидат во Скопје

Vecer | 27.01.2023

Милков: Софија со нота ќе бара безбедност за Бугарите кои ќе отидат во Скопје

Бугарското Министерство за надворешни работи ќе испрати нота до Скопје со барање да се гарантира безбедноста на Бугарите кои на 4 февруари ќе отпатуваат во Македонија за одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, најави денеска шефот на бугарската дипломатија Николај Милков.

– Клучно во моментов е да се обезбеди спокојство за Бугарите таму. Сакаме да постигнеме деескалација на тензиите, додаде Милков.

Тој најави дека за таа цел ќе претстои и телефонски разговор меѓу премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев.

– Разговорот ќе биде со цел да се гарантира безбедноста на Бугарите таму, но и на оние кои ќе заминат на одбележување на денот на раѓањето на Гоце Делчев. Со нота ќе бараме од Република  Македонија да им обезбеди пристап на Бугарите кои ќе отпатуваат таму. Во минимален обем ќе има присуство и на претставници на Бугарската амбасада, изјави Милков, додавајќи дека проблем во сегашната ситуација е тоа што Бугарите и лицата со бугарско национално чувство во земјава „немаат доверба во основните институции“.

Тој нагласи и дека Бугарија нема да стави ново вето на европскиот пат на земјава, бидејќи, како што рече, тоа не е неопходно затоа што Македонија „не ни почнала преговори“.

– Има јасен критериум. Кога Бугарите ќе бидат вклучени во Уставот – почнуваат преговорите. Тогаш веќе можеме да размислуваме до кој степен ги исполнуваат критериумите. Во моментов тоа не е потребно. Тие имаат јасен услов, тоа е европски услов, ратификуван од нашиот Парламент и прифатен од нивниот Парламент како услов. Можеби затоа што гледаат што произлегува од тие услови, затоа сега таму се создаваат овие тензии, додаде Милков.

Во однос на најавите за забрана за влез во земјава на еден пратеник во Европскиот парламент и неколку други лица од Бугарија, Милков изјави дека доколку се случи такво нешто, тоа би претставувало настан без преседан од повеќе причини.

– Не ми е познато дека досега две земји членки на ЕУ меѓусебно си прогласиле поединци за персона нон грата. Забрана за влез на европратеници во земја кандидат ми изгледа нелогична, додаде Милков.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk