logo
logo
logo

Милановиќ во победничкиот говор: Ова е признание за мене и мојата работа, но и порака до власта

Vecer | 13.01.2025

Милановиќ во победничкиот говор: Ова е признание за мене и мојата работа, но и порака до власта

-Ова е голем ден за мене, оваа победа ја гледам како признание и одобрување на мојата работа, рече Милановиќ во изборниот штаб во Фабриката за култура во Загреб, каде беше пречекан со овации и скандирања „Зоки“.

Тој оцени дека тоа е плебисцитарна порака на хрватскиот народ до сите што треба да ја слушнат.

Милановиќ истакна дека неговата рака е подадена кон оние кои ја имаат извршната власт и кои велат дека се одговорни за 99 отсто од работите, алудирајќи на изјавата на премиерот и претседател на ХДЗ, Андреј Пленковиќ.

Претседателот рече дека ќе продолжи да се држи до Уставот и дека тоа е неговата програма за која, како што рече, се согласуваат и оние кои вчера му ја дадоа довербата.

-Моја должност е да бидам рамноправен во прашањата за надворешната политика, одбраната и националната безбедност. Ќе бидам врховен командант, не рамноправен, туку најодговорен, бидејќи така вели Уставот, посочи Милановиќ.

Тој посочи дека одговорноста за другите работи треба да се сподели.

-Тоа е вештина и доблест. На оние кои сакаат нешто да зграбат за себе, луѓето обично им испраќаат порака како денеска. Не на мене, туку на нив, рече Милановиќ.

Велејќи дека нема да најавува никакви притисоци или јавни писма до премиерот, Милановиќ нагласи дека е потребно да се разговара.

Во својот говор тој им се заблагодари на сите хрватски граѓани во земјата и странство. Тој посебно ги спомена Хрватите од БиХ, но и припадниците на националните малцинства, нагласувајќи дека Хрватска секогаш ќе биде нивна татковина.

Тој ги повика присутните со аплауз да ги поздрават членовите и гласачите на ХДЗ

Милановиќ, кој на изборите беше кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП) и партнер од левиот центар, вчера убедливо го победи кандидатот на ХДЗ Драган Приморац во вториот круг од претседателските избори.

Милановиќ освоил повеќе од 1.120.000 гласови, а Приморац 380.000.

Приморац во својот говор не му честиташе на Милановиќ, а подоцна во изјава за новинарите премиерот Андреј Пленковиќ одби да го стори тоа, нарекувајќи го Милановиќ повторно „прекршител на Уставот“.

Пленковиќ рече дека кандидатот на ХДЗ Драган Приморац е одличен кандидат и дека нема подобар кандидат во партијата.

Актуелниот претседател Зоран Милановиќ во неговиот петгодишен мандат се етаблираше во позиција на најжесток критичар на владата на Андреј Пленковиќ и се доживува како вистински лидер на опозицијата. Милановиќ и Пленковиќ имаат многу заладени односи, а често и јавно разменуваат навреди.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk