Веќе неколку години во Србија траат протести против ископувањето на литиум во Јадарската долина. По ова прашање, се огласи извршниот директор на проектот Јадар од компанијата Rio Tinto, Чед Блуит.
Компанијата работи на обезбедување одобренија за Студијата за оцена на влијанието врз животната средина и други неопходни дозволи, меѓу кои и лиценца за експлоатациско поле, за да може да продолжи со реализација на литиумскиот проект Јадар.
Во интервју за порталот Seenews, Блуит истакнува дека, доколку се исполнат сите предуслови, изградбата може да започне во следниве неколку години, откако ќе се ажурира студијата, ќе се одржат јавни расправи и ќе се добијат сите неопходни дозволи и регулаторни одобренија.
Министерството за заштита на животната средина на Србија, кое треба да ја донесе конечната одлука за обемот и содржината на студијата за оцена на влијанието, досега не одговорило во која фаза се наоѓа овој процес.
Откако министерството ќе го објави решението, Rio Tinto ќе има рок од една година да ја заврши студијата.
Доколку проектот Јадар се реализира, тој би бил најголемиот „гринфилд“ литиумски проект во светот, со план за производство од 2,3 милиони тони литиум-карбонат во очекуваниот работен век од 40 години, односно околу 58.000 тони годишно. Ова би ја позиционирало Rio Tinto меѓу десетте водечки светски производители на литиум.
Еколозите и научниците сметаат дека проектот не може да биде безбеден
Проектот во Србија, сепак, е во застој – во 2022 година, под притисок на масовни еколошки протести, Владата ги поништи просторно-урбанистичкиот план и останатите лиценци за проектот. Но, дозволите беа повторно издадени во јули 2023 година, што предизвика нов бран протести.
Блуит потенцира дека моментално најважна задача за компанијата е изработката на сеопфатна студија за оцена на влијанието врз животната средина, која треба да претстави докази дека проектот е безбеден и еколошки прифатлив. Меѓутоа, еколозите, активистите и група научници тврдат дека проектот не може да биде безбеден за околината.
Негативниот став кон Јадар – резултат на дезинформации?
Директорот на проектот, коментирајќи за Seenews, смета дека негативниот став на јавноста се темели пред сè на дезинформации. Според него, „необмислените и често повторувани тврдења без докази создадоа страв и ја доведоа српската јавност во заблуда. Безбедноста на проектот, вели тој, е потврдена со најобемните научни студии досега спроведени во Србија.“
Блуит особено ја нагласува неодамна објавената одлука на Европската комисија да го вклучи проектот Јадар на списокот на стратешки суровини за Европската Унија, оценувајќи дека ова покажува оти Јадар може да се развива согласно највисоки еколошки и стандарди за човекови права, споредливи со оние во Франција, Германија, Канада или Норвешка.
Според проценката од 2021 година, инвестициската вредност на проектот изнесува 2,55 милијарди евра, а сега се ревидира заради новите технички и инженерски решенија. Според последната анализа од 2023 година — која исто така е во фаза на ажурирање — се оценува дека Јадар би можел да донесе околу 695 милиони евра годишно во српскиот БДП, над 180 милиони евра за државниот буџет, како и отворање 1.300 нови работни места.
Како дополнителна придобивка, директорот посочува дека се очекува годишно за набавки поврзани со рудникот да се трошат над 300 милиони евра, а проектот има потенцијал да донесе дополнителни инвестиции во сродни индустрии, како што се катодите, батериите и електричните возила, со можност за отворање над 20.000 нови работни места.
Извор: 021.rs, Beta
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата